Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ денеска ќе ги презентираат резутатите од третото мерење на Индексот на клиетелизам во медиумите во Македонија во ЕУ ИНфо Центар со почеток во 11 часот.По презентацијата, свои видувања на темава ќе споделат д-р Снежана Трпевска, експерт за медиумско право и медиумска политика, („Општествените и политичките услови што поттикнуваат клиентелизам и инструментализација на медиумите“), и Јасмина Јакимова, уредничка во Радио МОФ, („Улогата на непрофитните медиуми во борбата против клиентелизмот“).
Во рамки на овој настан ќе биде промовиран и новиот број на уличното списание „Лице в лице“, посветен на медиумите на иднината.
Индексот на клиентелизам во медиумите (МЦИ), врз основа на емпириски податоци, ги мери политичките влијанија врз медиумите, постоечката регулативна рамка, институционалната поставеност и клучните економетриски мерења на реалноста во која работат медиумите и новинарите од Југоисточна Европа.
Резултатите од мерењето на Индексот за клиентелизам во медиумите (MCI – Media Clientelism Index) ќе бидат презентирани, освен во Македонија, симултано и во останатите земји кои се покриени во ова истражување, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Романија.
Индексот ги опфаќа сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи (како Фридом хаус, Репортери без граници итн).
Б.Ј.