„Ќе има конститутивна седница и избор на нов претседател на Собранието и од него, Иванов ќе биде известен дека е должен веднаш да му го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за состав на новата влада!“, му порача СДСМ на претседателот Иванов, кој за првпат, од Унгарија ѝ порача на македонската јавност дека излез од кризата – се и нови избори!
„700.000 граѓани стојат зад ова барање, преточено во уставни 67 пратенички потписи за доделување мандат за состав на Влада. Ѓорге Иванов нема право за личен спас на Никола Груевски да ги држи во заложништво граѓаните и Република Македонија! Со денешното интервју, Иванов самиот се разобличи во намерата да го поддржува Груевски во неговата цел за продлабочување на политичката криза. Но, двајцата, не смеат да го уриваат уставниот поредок, да предизвикуваат дестабилизација, да излегуваат со неразумни барања за нови избори, само затоа што Груевски има потреба да бара спас од одговорноста за криминалите што ги правел. На граѓаните и на државата им е потребна итна стабилизација по кредибилните избори и формирањето на парламентарно мнозинство на демократски начин. Единствено решение за излез од кризата е формирање нова влада во најкус можен рок“, порача денеска СДСМ, по интервјуто на Иванов за унгарскиот весник “Magyar Hirlap” во кое истакна дека едно од решенијата за надминување на кризата се и нови предвремени парламентарни избори.
Според него, на изборите „граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период“.
Иванов, кој денеска престојува во работна посета на Унгарија, и од странство потенцираше дека Платформата на албанските партии е причина за „продлабочување на кризата“, и дека тој, како претседател не може и нема да дозволи „тргување со Уставот и со државните интереси на Македонија и поигрување со чувствата на македонските граѓани“