УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Елем, Димитар Ковачевски вчера го промовираше својот лидерски тим, „подновен“ со повеќе стари партиски кадри, „проверени раце“ од партиската технологија на социјалдемократите, со кои СДСМ „ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира“. Времето е кратко, потребите се итни, а и информациите се штури, за да се процени кој сѐ кумувал во оваа кадровска „реставрација“, но впечаток е дека десетина од најважните луѓе од окружувањето на Заев одат со чувство на извесна изневереност во „предвремена“ партиска „пензија“, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Не чиј е, туку кој е Ковачевски?“
Успешноста на една власт не се мери според тоа колку се труделе, колку сакале и какви намери имале функционерите во власта, туку според резултатите кои ги постигнале. Не ме интересира добрата желба, ниту вложените напори, ниту потрошеното време. Ме интересира кој е конечниот резултат. Видлив и мерлив. Се мери колку луѓето живеат подобро, колку се посреќни, колку се посигурни, колку повеќе имаат доверба во државата и државните органи, колку повеќе сакаат да останат во државата, колку повеќе знаат и умеат, колку се поздрави, колку подолго живеат, колку е почист воздухот, колку е помала разликата од развиените демократски држави, колку е намален бројот на бебиња кои умреле… Со бројки, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Елементи за оцена на работата на владата“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
СЕДНИЦА: Седница на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со почеток во 11:00 часот, на која ќе се расправа за предлог Годишен план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2022 година, постапување по конкретни предмети, предмети од областа на следење на имотна состојба на избрани и именувани лица, предмети од областа на спречување на судир на интереси, предмети од областа на спречување на корупцијата.
АПЕЛ: За да не се претвори убавото новогодишно искуство во лош почеток на годината од МВР апелираат да се избегнува поставување фотографии на социјалните медиуми бидејќи тие се вистински извор на информации за крадците каде може слободно да оперираат.
ВЛАДА: Владата денеска на пладне ќе ја одржи 130-та седница. На дневниот ред е предвидено да се најде информацијата со Предлог-одлука за прераспределба на средства од Буџетот за Стратешки зелен инвестициски фонд, како и информација за спроведување на ИПА проектот „Подготовка на стратешки мапи за бучава и акциски планови со програма со мерки“.
На оваа седница, како што соопшти владината прес-служба, ќе се расправа и по информацијата за Предлог-стратегија на Владата за соработка и развој на граѓанското општество, со Акциски план 2022-2024.КУЛТУРА: Студентите од Катедрата по графика при Факултетот за ликовни уметности – Скопје денеска организираат изложба на дигитални графики во Сули ан. Дигиталните дела се инспирирани од дел од графиките од депото на Катедрата по графика кое можеби ја има и најбогатата збирка на современа графика во земјава. Како што наведува ФЛУ, ова се должи на фактот дека Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од своето основање во 1980 година, континуирано ја негува графиката како една од основните изразни ликовни/визуелни дисциплини.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев