Единствената исправна одлука на ЕУ е да ја награди Северна Македонија за напорите кои ги има сторено на патот кон ЕУ, порача германскиот канцелар Олаф Шолц на самитот ЕУ- Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во Тирана.
Тој ја апострофираше Северна Македонија како земја која мора да биде наградена за своите напори да се приближи кон ЕУ, пренесува Дојче веле.
„Сакаме да направиме сѐ, за Северна Македонија да биде успешна во своите напори, и јас сум му многу благодарен за активностите на шефот на Владата, кој вложува големи напори за да ги исполни условите кои беа наметнати однадвор“, порача Шолц на прес-конференцијата на самитот.
Според него, „Северна Македонија постигна голем напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување и вложува многу напор. Во тој поглед, тоа е единствено исправно“.
Шолц ги повтори повиците за побрз влез на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, пишува Дојче веле.
„Јасно е дека 20 години откако на овие земји им беше дадено ветување за влез, тоа мора и да се случи“, порача германскиот канцелар.