The show’s over! Шоуто заврши, арамии! Ова сигурно го читате веќе три години, бидејќи беше очигледно дека режимот ќе падне, уште кога студентите ги затресоа улиците на Скопје во декември 2014 година. Тогаш радосно кликнавме дека пролетта рано дојде во Македонија… Така и беше. Потоа, вашето фирерче го затрескаа и бомбите на Заев, па следеше ненасилната антидиктаторската револуција… Па падот…
Можеби си велите дека ова оди премногу бавно, дека овие „новиве“ не ги бива и дека нема да има длабоко орање и пресметка со партиската војска која ја окупира Македонија и ја претвори во мрачен Грујоленд. Ќутуци. Нема да има пресметка. Нема зошто. Ова не е диктатура. Но, трансформации, некогаш и болни, ќе има и веќе им се гледаат ефектите.
Се надевате дека ќе се извлечете и нема да одговарате за сите недела кои ги извршивте слугувајќи му на режимот на Груевски. Голем дел од вас веројатно и ќе се извлече. Нејсе. Важно е што вашите сурови стопани ги стасува правдата, полека, но сигурно. Не во мерка која ја заслужуваат, но доволно да бидат посрамотени и понижени пред граѓанките и граѓаните чиј живот го загорчуваа повеќе од една деценија, секој ден, на секој чекор. Доволно и вие, ако сте барем малку чесни и искрени кон себе, да се засрамите за мизеријата и кукавичлукот, глупоста и алчноста со кои ги изгнасивте своите животи. Толку сте гнасни што ни птица не сака да ве посере.
Има нешто на кое можеби не сметавте. Засекогаш ќе остане белег на вашиот образ. Тој белег ќе го гледате секој ден кога ќе се видите во огледало. Белегот на вашето лице ќе го видат и вашите семејства и соседи. Видете го одразот на вашата мизерија во нивните погледи. Погледнете околу себе. Слобода и демократија. Тие два збора секогаш ќе ве потсетуваат на гнасотиите во кои учествувавте со години, често правдајќи се дека моравте. Нема пластична операција, ниту молитва што ќе го избрише белегот. Ќе го носите секој ден, до крајот на животот.
Овој рафал го упатувам кон сите апаратчици на фашо-мафијата, почнувајќи од десетте гротескни пратенички групи, завршувајќи со последниот послушник кој сè уште стои на распаднатиот фронт во својот парталав партиски шинел. Денеска ќе им порачам громко: Симнете ги шинелите, силно светнал ден!
Овој рафал не е упатен кон оние што чесно го живееја својот живот, што наивно веруваа дека власта е власт и дека така треба да биде. Погрешно, но човечки. И јас, заедно со нив, го делам ова македонско сонце и живот, ги сакам и почитувам како мои сограѓанки и сограѓани. Но, ги повикувам сите, од денеска да бидат будни и да внимаваат на власта, која и да е, да не се помируваат со неправдите и да бидат гласни.
објавено на Плусинфо и во Слободен печат (8/7/2017)