Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција денеска го предаде предметот „Сопот“ на Специјалното јавно обвинителство.
Ваквата одлука е донесена по минатонеделното предавање на случајот од Советот на јавни обвинители во рацете на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Од Обвинителството нагласуваат дека иако кривично правниот настан се случил во 2003 година и не е поврзан и не произлегува од содржината на неовластеното следење на комуникациите, по добиеното известување од Советот на јавните обвинители дека ќе треба самостојно да донесат одлука, тие заклучиле оти предметот треба да биде предаден на СЈО, кое ќе се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност.
Од СЈО претходно соопштија дека иако „Сопот“ не е даден во нивна надлежност, тие утврдиле дека едно од сведочењата врз кое се заснова целиот случај, било изнудено со сила, при што се извршило кривично дело тортура.
Станува збор за предмет во кој беа осудени 12 жители од кумановското село Сопот за кривично дело тероризам. Осудените тогаш се товареа дека на 4 март 2003 година, подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево-Сопот. При експлозијата загинаа припадниците на полскиот контингент на НАТО, Павел Легински и Фјодор Никуловски и цивилот Крунислав Кипријановски, а тешко беа повредени преведувачката Поликсена Филиповска и Милевка Кипријановска.
Советот на јавни обвинители на денешната седница треба да одлучува дали и предметот „Пуч“, односно пресудата за Ѕвонко Костовски, ќе му го предаде на СЈО. Специјалната обвинителка Катица Јанева го побара предметот, со цел целосно да се утврдат фактите, откако се откажа од кривично гонење на петтемина обвинети во „Пуч“, меѓу кои и на премиерот Зоран Заев.