„Нашата заедница е во историска борба! Во Валандовско, по првпат имаме организиран отпор кон рудник со отворен коп (рударскиот комплекс Казандол) и развој на нашето земјоделско поднебје со Г1 тешка и загадувачка индустрија“, порачуваат од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“
„Тешката и загадувачка индустрија ни се заканува со загадување на нашите земјишта, нашата питка вода, како и водата за наводнување, нашиот воздух, нашите земјоделски производи, нашата економска егзистенција – накратко, животот каков што го познаваме. Поради ова, ве повикуваме сите до еден да ја пружите вашата поддршка и да ја покажете вашата солидарност со нашата борба: индивидуално, како група, како друго еко-социјално движење, како човек…“, се вели во повикот за солидарност и поддршка на иницијативата „Спас за Валандово“ („SOS Valandovo“)
„По многу пречки, нашата граѓанска иницијатива стигна до референдум (закажан за 20 август 2017), каде ние – граѓаните ќе го кажеме своето мислење: дали сме за или против продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс Казандол, и дали сме за или против отварање на други рудници за металични минерални суровини на подрачјето на Општина Валандово“, порачуваат од „Спас за Валандово“.
Граѓанската иницијатива бара поддршка од граѓаните на Македонија преку „индивидуална или групна фотографија со #гласајпротив (рудниците на смртта), преку уметничка творба, интерпретација на нашата борба (слика, поема, расказ, песна, музика, графички дизајн, танц, кореографија… било што!), споделување на стории – повик до други групи/движења кои работат на еко-социјална правда да ја споделат својата борба. Кога ќе ни ја испраќате вашата поддршка, кажете ни повеќе за вашата борба – да ги обединиме напорите каде можеме! Додајте #гласајпротив & #СпасЗаВаландово. Секоја слика/творба ќе биде споделена во албум“.
Сите творби треба да се испраќаат на Фејсбук страницата на иницијативата или на адресата: [email protected].
„Заедно сме најсилни!“, порачуваат заштитниците на животната средина од Валандово.