Оливер Спасовски, минстер за внатрешни работи, на денешната прес-конференција, ги презентираше наодите на работната група, формирана на 3 мај од претходниот министер Агим Нухиу, со цел согледување на настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.
Согласно Извештајот на работната група, Спасовски изјави дека на информативни разговори биле повикани голем број припадници на МВР, а членовите на работната група имале увид и во службениот материјал, и во видео-материјалите, вклучително и оние од повеќе телевизии што тој ден, во живо, пренесуваа од Собранието.
Информациите што ги достави Спасовски пред медиумите се, како што изјави, само преработен сепарат од Извештајот на работната група.
„Скенирањето на состојбите резултираше со формално-правни пропусти и недоследности во актите и процедурите, откривање на системските недоследности, воочување на дисфункционалности на одредени организациони облици на МВР, со што децидно се наметнува потребата од одредени реформски зафати во целиот систем. Меѓутоа, воочувањето на намерните пропусти, односно на свесно пропуштање и отсуство на дејстување на одговорните лица во системот, јасно ги детектираше претпоставките за нивна индивидуална одговорност“, изјави Спасовски, потенцирајќи дека очигледно е дека некој ја злоупотребил својата службена должност и со тоа го овозможил нападот врз пратениците и новинарите на 27 април.
„Без расчистување на овој случај и без санкции за одговорните, ова Министерство не може да продолжи да функционира нормално“, изјави Спасовски, а извештајот ќе биде доставен до Јавното обвинителство.
Спасовски, исто така, истакна дека МВР поради партизацијата падна на испитот како институција, што подразбира дека мора итно да се департизира.
Б. Ј.