Со министерот во заминување Арбен Таравари разговаравме за состојбите во здравството, неговата одлука за повлекување од министерската позиција, кандидатурата за градоначалник и за внатрепартиските случувања.
ЦИВИЛ Медиа: Каква е вашата оценка за состојбите во јавното здравство во Македонија, по вашето доаѓање на позицијата министер за здравство?
ТАРАВАРИ: Состојбите во здравствениот систем во Македонија се целосно дегенерирани. Ова го знае секој пациент, ова го знае секој здравствен работник, и секој човек што има некаква врска со здравствениот систем во Македонија. За жал, Министерството за здравство го најдов преполно со стари, амортизирани болници, со разочарани доктори, разочаран персонал, со разочарани пациенти, и сето ова кажува дека здравствениот систем во Македонија е комплетно девастиран. Затоа, направивме еден акциски план, откако направивме една анкета со кредибилни фирми, што анкетираа голем број пациенти и здравствени работници. Ги поставивме главните приоритети за нашиот кабинет, за претстојниот период. Така што, првото незадоволство на пациентите, бидејќи здравството секогаш го поставува пациентот во центарот, беше хигиената. Веднаш преземавме одредени мерки за подобрување на хигиенските услови во јавните болници во Македонија.
Второто незадоволство на пациентите беше од средниот здравствен персонал, и по нашите анализи по ова прашање, констатиравме дека бројот на сестрите и на лекарите во јавното здравство е многу мал. Што значи дека има малку лекари, и тие услужуваат многу пациенти, а малку сестри за да се грижат за пациентите. Во просек – една сестра за 20-30 пациенти. Во приватните клиники една сестра се грижи за пет до десет пациенти. Така што, ако една сестра е должна за грижа за 20 до 30 пациенти, тоа физички не може да се постигне. И така, имаме незадоволни пациенти, и од друга страна, персонал што не може да постигне.
Едно од незадоволствата на здравствениот персонал е и платата, затоа што, замислете, за едно дежуртсво, сестрите се плаќаат со по 150 денари. Две и пол евра за едно дежурство! Не може да се очекува од еден кадар што се плаќа со овој износ, на крајот на денот да отиде во своите домови и да донесе храна. Не е можно да даваат услуги какви што се потребни.
Што е решението? Да има вработувања какви што треба, посебно на средниот здравствен персонал, техничари и сестри, а втората работа е зголемување на исплатата за дежурство, но и на платите. Овие две работи се предвидени во Владината програма, што ја одобри премиерот.
ЦИВИЛ Медиа: Дали направивте некој чекор напред за зголемување на платите?
ТАРАВАРИ: Не можеме да ги зголемиме платите со овој буџет, тоа е предвидено со следниот буџет, на почетокот на следната година, да се зголемат платите за 15% на сите работници, не само на лекарите, затоа што во претходните влади ги зголемуваа само платите на лекарите, додека за другиот персонал ова не важеше. И верувам дека со буџетот за 2018 година е предвидено зголемување на платите за сите здравствени работници.
Исто така, ние сме во преговори со синдикатите. Во овие преговори е присутен и премиерот, со единствена цел, за да ги средиме платите на сите здравствени работници. Со балансирањето на зголемувањето на бројот на медицинските сестри и зголемувањето на платите, се надевам дека ќе се задоволат работниците и дека пациентите тоа ќе го почувствуваат. Мислам дека, кога ќе ја направиме анкетата повторно по шест месеци, ќе има подобрување.
Пациентите се незадоволни од лекарите. Зошто велиме од лекарите? Затоа што, од почеток, и кога бевме во опозиција, „Мој термин“ не функционираше како што треба, лекарите беа многу оптоварени, еден лекар бил задолжен да прегледа 30, 50, 60 пациенти дневно, што не е можно за еден ден, а од друга страна, на приватните клиники еден лекар прегледува пет до десет пациенти на ден. Тоа не може да се очекува од еден лекар специјалист. По дваесет прегледи тој веќе не може да се концентрира и се зголемува можноста за пропуст и за несоодветен третман на пациентот. Затоа, со „Мој термин“ ќе гледаме да ги избалансираме овие работи. Како ќе ги избалансираме и која е формулата, и зошто не сме го направиле ова порано?
Јавното здравство во Македонија е концентрирано и централизирано во Скопје, речиси само во Скопје. Над 50% од здравствените услуги се даваат во Клиничкиот центар. Нашата идеја е, со новиот закон за здравство, да ги дисперзираме, односно, да го децентрализираме јавното здравство. Имаме уште три клинички болници, во Тетово, Штип и Битола, а во иднина имаме намера да направиме уште еден клинички центар што ќе биде комбинација – Струга и Охрид, со можност за испраќање пациенти во Скопје – да имаат само клиничките центри. Што значи, да не може од Берово да се испрати пациент во Скопје, туку од Берово во Штип, па Штип да го испрати пациентот во Скопје.
Или, Гостивар да не може директно во Скопје, туку прво во Тетово, па потоа, ако клиниката во Тетово утврди дека не може да услужи, тогаш го испраќа пациентот во Скопје. Што сакаме да постигнеме со ова, што е идејата? Идејата е дека нема да пристига сè во Скопје, туку многу работи што не се направени во клиниките во Тетово, Штип и Битола, да им дадеме што повеќе должности. Секако дека таму треба да вработиме кадри, уште сестри и лекари, а за тие услуги што тие можат да ги извршат, да не доаѓаат до Скопје. Можеме да овозможиме едукација на здравствениот кадар во Клиничкиот центар, зборот ми е за специјализантите, за наставата и за научните проекти што ги подготвуваат работниците во терцијарното здравство во Скопје.
ЦИВИЛ Медиа: Повторувате дека „ќе направите“, а во меѓувреме, ја најавивте вашата кандидатура за градоначалник на Општина Гостивар. Зошто решивте да се кандидирате?
ТАРАВАРИ: Лично за мене, ова беше еден многу тежок чекор. Дваесет години сум во здравството и го чувствувам како мој дом. Сега сум „првиот лекар“ на Македонија и многу е тешко човек да се оддалечи од професијата што ја сака и со која е емоционално поврзан. Но, да не заборавиме дека јас сум тука како министер на една политичка партија што се вика „Алијанса за Албанците“, не сум како експерт, не сум најумниот лекар, туку сум пратеникот од таа партија.
Според анализите што ние ги направивме, како партија, забележавме дека нашиот кредибилитет ќе биде важен и поголем во Владата на Македонија, ако ние на овие локални избори победиме во неколку општини. И, во Гостивар, анализите од сите анкети беа дека само јас можам да му се спротивставам и да го победам господинот Бејта. Беше многу важно за нас, и за мене и за господинот Села, исто така пратеник, кој ќе се кандидира повторно во Струга, да ги добиеме општините, а потоа да се подготвуваме за следните парламнтарни избори, кога и да се одржат, за да се вратиме посилни, а нашата политичка идеја да ја направиме покредибилна, поважна, поверна.
Јас, како Арбен Таравари, никогаш не сум се кандидирал во Гостивар. Сакам да видам колкава е мојата вредност, да видам колку ме вреднуваат моите сограѓани… И, ова е моментот да се вратам во мојата база, да ја добијам пресудата од народот, да формирам таму една екипа. Знам дека јас, како градоначалник на општина, не сум многу соодветен, но мислам дека екипите се тие што даваат резултати.
И тука, во Министерството, си формирав една екипа. Овие резултати не се од една личност, како што изгледа пред камерите. Напротив, зад успесите, но и зад неуспесите на Арбен Таравари, стои и неговата екипа. Во мојата екипа се оние што го познаваат Министерството за здравство, нема партиски војници, туку компетентни луѓе, професионалци од различни партии и различни етнички припадности, но, кои функционираат како една машинерија. Со полна одговорност тврдам, бидејќи разговарав и со мојот кабинет, дека оваа екипа ќе остане, кој и да биде првиот човек на здравството, мислам дека политиките што ги прави Арбен Таравари, се политиките на Владата и на Алијансата за Албанците.
ЦИВИЛ Медиа: Сакате да кажете дека оваа одлука е лично ваша, или на партијата?
ТАРАВАРИ: Јас сум еден од неколкуте клучни луѓе во партијата, и не можам да го избегнам ова, седнавме, разговаравме, никој не ме натера на ова. Ги демантирам сите вести, читам дека ќе изиграм некого, ќе ме стават во машина, напротив, одлуката беше лично моја, да се натпреваруваме и да зајакнеме како партија… Ако ние како партија не сме силни, ако ја немаме довербата на народот, тогаш нашата вредност во Владата е ирелевантна.
ЦИВИЛ Медиа: Меѓутоа, вие ја оставате на половина, започнатата работа во Министерството…
ТАРАВАРИ: Не е така. Тоа што јас го работам, е резултат на една силна екипа што фунцкионира без прекин. Луѓе што не се гледаат пред камерите, не застануваат, туку работат повеќе од десет часа дневно во канцелариите на Министерството. Оваа екипа ќе продолжи да работи, само министерот ќе се смени. На местото на Арбен Таравари, ќе дојде една личност што исто така, е претставник на Алијансата за Албанците, веројатно веднаш по локалните избори. Ќе продолжи да работи со истата екипа, со истиот заменик министер, со истиот државен секретар, така што и јас ќе бидам помошник на идниот министер.
ЦИВИЛ Медиа: Според ова, вие веќе знаете кој ќе биде идниот министер?
ТАРАВАРИ: Не, не сме го одбрале сè уште во партијата. Ќе дискутираме, оваа одлука се носи внатре во партијата, но сигурно и со консултирање со премиерот, затоа што и Владата е еден тим. Затоа, ќе седнеме да разговараме и ќе го изнајдеме најадекватното решение. Но, луѓето што ме познаваат, знаат дека зад мене стојат најмалку десет-петнаесет стручни лекари, Албанци, коишто работат во Клиничкиот центар во Скопје.
ЦИВИЛ Медиа: Можно ли е тоа да не биде човек од партијата?
ТАРАВАРИ: Ќе ви кажам, ви реков дека во мојата екипа нема…, мојот шофер е од мојата партија, но другите ангажирани луѓе се главно експерти. Во списокот на советниците што го подготвив за Општина Гостивар се 15 личности, членови на нашата партија, но и 15 личности од различни професионални полиња, уметници, спортисти, успешни луѓе во своите професии… Ги замолив да седнеме да разговараме, и им кажав дека сакам да бидат дел од мојата екипа со која ќе го предизвикаме Гостивар. Тие прифатија со задоволство и ќе бидат екипа. Не велам дека го деполитизирав целосно списокот на советници за Гостивар, но направив една комбинација од професионалци и членови на партијата. Но, тоа не значи дека и тие не се професионалци. Списокот на советници што ќе го промовирам во Гостивар е пример што ќе се потрудиме да го рефлектираме и во другите градови.
ЦИВИЛ Медиа: Во една ваша изјава велите дека доколку не се изборите за градоначалничкото место за Општина Гостивар, ќе се откажете од политиката. Дали ова значи дека ќе се откажете од вашата партиска позиција?
ТАРАВАРИ: Јас сум генерален секретар во оставка. По поразот на изборите на 11 декември, јас сум генерален секретар во оставка. Во меѓувреме, не стигнавме да го одржиме новиот конгрес, бидејќи го сменивме и името, така што по локалните избори ќе го одржиме и новиот конгрес и јас секако, нема да бидам веќе секретар. Мислам дека нема да бидам, но сепак ќе решат партиските органи, може да бидам некој член на централната власт или потпретседтел, не знам, за тоа ќе одлучат партиските органи. Мислам дека, ако ги изгубиме изборите, јас веќе нема да имам вредност, искрено. Какви ќе бидат партиските одлуки, не знам, не сакам да зборувам, да не се брзам. Често избрзувам кога сакам да изразам нешто од душа. Искрено, ако ги изгубиме изборите во Гостивар, јас можам да останам само еден член на Алијансата за Албанците.
ЦИВИЛ Медиа: Дали ќе продолжите со вашата лекарска пракса?
ТАРАВАРИ: Апсолутно! Тоа е моето најголемо задоволство. И сега, секоја среда, како денеска, беше денот кога требаше да работам со пациенти, но не успеав заради обврските, тука се наоѓам, во кабинетот на неврофизиологија. И како градоначалник, според законот, имам право да работам по 15 часа неделно бесплатно и тоа ќе го правам во мојата ординација за неврофизиологија во Скопје. Како ќе го организирам тоа, ќе видам допрва, веројатно по завршување на работното време, два или три дена по четири часа. Мислам дека со мојот ангажман во Министерството, ги запоставив моите пациенти. Тие често се жалат и ми се лутат што сум толку посветен на сегашната работа. Верувајте, 100 дена, ниту во саботите ниту во неделите, не се гледав со семејството. Се случува мојот помал син често да ме праша дали ова навистина ми требаше… Животот продолжува и по политиката.
ЦИВИЛ Медиа: Дали ќе продолжи линијата #ЗдравоТаравари?
ТАРАВАРИ: Ќе продолжи, лично одговарам на 500 до 600 пораки…
ЦИВИЛ Медиа: Ќе продолжи и кога нема да бидете веќе министер?
ТАРАВАРИ: Не, тогаш ќе биде #Поздрав – некое друго име. Сметаме дека тоа е добра идеја, здравствениот систем не функционира како што треба. Јас правам различни интервенции, приближно за 100 до 200 пациенти правиме аранжмани во кабинетот. Тие се јавуваат, јас ги проследувам во кабинетот, имаме екипа од пет лекари што прават аранжмани за пациентите…
ЦИВИЛ Медиа: Велите дека добро функционира?
ТАРАВАРИ: Видете, на луѓето им врши работа, имаме фидбек од граѓаните, некои се шегуваат. Малку се, но има луѓе што го поздравуваат успехот на лекарите и луѓе со пофалби до одредени лекари, а има и одредени критики. На секој утрински состанок на нашиот кабинет, ги претставуваме на една табела и ги детектираме неправилностите. Искрено, имавме жалби за одредени лекари, за кои алармираа по пат на линијата, и ако има седум-осум пораки за несоодветно однесување на одредени лекари или сестри, ги предупредуваме, ги замолуваме да си го подобрат однесувањето, а доколку се повтори, тогаш треба да се казнат.
Сметаме дека во иднина и „Мој термин“, освен лекарите, треба да го користат и пациентите, да биде интерактивно. На пример, одредени информации за лекови, може и преку веб-страницата, ова ќе биде праксата во иднина, да имаат можност да се изјаснат за нивните проблеми и незадоволства. Ќе инсистирам вибер и „ватс-ап“ да продолжат да се користат и понатаму. Се надевам дека идниот министер ќе биде од нашата партија, ќе се потрудам да му бидам десна рака, и доколку е од друга партија, ќе му ја понудам мојата помош, да помогнам колку што можам, ако им треба, ако не…
Жал ми е за здравствениот систем и за секој работник во здравствениот систем. Сакам да функционира што подобро.
ЦИВИЛ Медиа: Ви благодарам за одвоеното време, ви посакувам успех во вашата кандидатура, иако, сепак ги оставате гласачите разочарани.
ТАРАВАРИ: Знам, не само разочарани, туку и незадоволни. Но, времето ќе го покаже своето, се надевам дека Министерството ќе ја продолжи работата подобро отколку со мене и ќе му помогне на општеството. Ние, како политичка партија, ја демолиравме централната власт, но локалната сè уште ја имаат истите луѓе што ја држеа десет години. Не можеме да градиме квалитетно општество на централно ниво ако не започнеме со промени на локално ниво. Декриминализацијата на власта треба да почне од општините.
Дијана Тахири
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Биљана Јордановска
Монтажа: Ермин Климента