ЦИВИЛ денеска одржа уште една успешна панел дискусијата на тема „Какви закони, такви избори“.
Учесници на панелот беа проф. Рената Дескоска, државната советничка при Министерството за правда, Радица Лазареска Героска, извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, претседателката на здружението „Инклузива“ Благица Димитровска и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Изборниот законик е хаотичен и не е читлив и затоа мислам дека треба да се направи нов законик. Граѓани како учесници во изборниот процес немаат правен лек. За чисти избори треба да бидат сите вклучени и доколку се дојде до ситуација на нерегуларности тоа да се пријави.
Дик има задача да спроведе фер и регуларни избори без разлика дали тоа ќе значи дополнителна работа за нив или не. Треба да се обезбедат кадровски и финансиски ресурси за ДКСК за мониторирање на изборната кампања.
Тоа што е соодветна препорака е дека постапката за избор на членови на дик треба да биде фер. Политичките партии треба да ги отворат своите врати на сите компетентни лица, и настрана да ги остават своите лични претензии.
Ние често пати имаме проблем и со праксата во дел на избирачките списоци. Немаме стандардизирани адреси и регистри. Често пати има нечовечки пристап кон оние кои поднеле приговор за нерегуларности. Време е да се отпочне процесот за пишување на нов законик, истакна проф. Дескоска.
„Како Претседател на работната група за измени на изборниот законик не верувам дека ќе имаме целосно нов изборен законик до локалните избори. Процесот е сложен бидејќи има многу предлози од невладини, експерти, новинари, но, на крај има многу политика“, истакна државната советничка при Министерството за правда, Радица Лазареска Героска, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Какви закони, такви избори“.
Политиката си го прави своето. Во април имаше една измена на изборниот процес, се случи политички договор. Во сите агенди беше дека во мај требаше да се изгласаат измените на изборниот законик, но денес сме 12 мај и се уште не е изгласано никакво решение.
Ваков изборен законик е многу тежок за следење. Досега имавме 25 измени, во најава е 26-тата измена на изборниот законик“, нагласи Лазареска Героска.
„ Тоа што не е решено е непристапноста до гласачките места на лицата со попреченост. И тоа не е само за гласање, тие места имаат ученици бидејќи изборите се случуваат во училиштата.
Гласачкото место мора да биде пристапно за овие луѓе. На оние луѓе кои имаат изгубено работна способност, тие го губат правото на глас, тие оттука не се на избирачки список, некој друг одлучува за тоа лице, и дури и да се појават на гласачкото место не можат да гласаат. Тоа спаѓа во одземање на човекови права. Одамна бараме да се смени ова а како одговор добиваме дека треба многу закони да се сменат. Не е прашање дали сакаме или можеме, туку мораме.
Мора да се изготви нов законик кој ќе е во согласност со конвенцијата за лицата со попреченост. Нашите пораки се ставени во табелата за препораки на ОДХР И ОБСЕ.
Се надеваме дека во новиот изборен законик нешто ќе успееме да издејствуваме лицата со попреченост“ рече Димитровска.
„Граѓанинот има право на добро информиран избор и почитување на правото на глас на граѓаните. Граѓаните треба да бидат добро информирани и да не потпаѓаат на лажни вести и дезинформации и црна пропаганда. Треба да се направи целосно нов изборен законик. Едно одело да го кроиш 25 пати, тоа одело на што ќе личи? Исто е и со изборниот законик.
Изборите не се на политичките партии, туку се за граѓан(к)ите. Партиите се на врвот на таа пирамида, а би требало да се на граѓаните“, нагласи Дерала.
Се зголемува институционалниот капацитет а со тоа и политичката волја за инклузивност на некој процес. Тоа е една придобивка од растењето и развивањето. И можам да кажам дека имаме институции кои можат да одговорат на ова.
„Не велам дека не треба да не го мониторираме процесот, мора секогаш да сме внимателни, но имаме закани од дезинформации кои можат и те како да влијаат врз изборниот процес и сериозно да го оштетат процесот и да ја намалат довербата на истиот. Исто имаме и со хибридните закани и злонамерно мешање на други држави во изборниот процес. Процесот како процес нема веќе закани. Гледаме што се случува и има транспарентност. Но ова што тешко се фаќа и се гледа, ќе претставува огромна закана за изборите. Кога ќе ги сублимираме работите, заклучуваме дека растеме, се развиваат работите, последниве години одат во една правилна насока, но треба да се продолжи со работа и да се има трпение“, истакна извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Какви закони, такви избори“