Уставниот суд одлучи да не поведува постапка по двете иницијативи со кои се оспорува членот 35 став 1 од Законот за локална самоуправа, како и членот 16 став 1 од Изборниот законик, што се однесува на рокот на одржување на локалните избори. Одлуката на Уставниот суд значи дека мандатот на градоначалниците и советниците истекува на 15 мај 2017.
Судијата известител Елена Гошева предложи да не се поведува постапка, со образложение дека законодавецот е единствен кој може да одговори на оваа проблематика.
„Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема. Неприфатливо е во законот да не е утврден механизам како да се постапи во случај да не можат да се распишат избори со што би дошло до закочување на работата на локалната самоуправа. Ние утврдивме дека законодавецот има уставно овластување да го уредува ова прашање. Само тој има уставно овластување и тоа е негово право“, истакна Гошева на денешната седница.
Иницијативите за продолжувањето на мандатот на градоначалниците и на советниците поднесоа Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда и од Светскиот македонски конгрес.
Одолговлекувањето на изборот на претседател на Собранието го одложи и распишувањето на локалните избори што требаше да се одржат во првата половина на мај.
По паузата, уставните судии денеска ќе гласаат и за иницијативата за неможноста да се исплатат субвенциите.