На вчерашната седница Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како скандалозна, срамна и политичка одлуката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да го повлече обвинението за случајот „Пуч“. Во контекст на преговорите за формирање влада, на седницата, ИК ја реафирмирал поддршката за лидерот на партијата Никола Груевски – да продолжи со активностите во таа насока бидејќи, како што истакнуваат во партијата, волјата на граѓаните е императив.
„Врз основа на изнесените правни аргументи, беше оценето дека станува збор за срамна одлука со која што СЈО, наместо орган кој што гони криминал, се промовираше себе во партиски орган на СДСМ чија основна задача е да го штити криминалот на Заев и злосторничкото здружение формирано околу него“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува институциите да работат согласно Уставот и законите и да не дозволат сторениот криминал да минува неказнето.
По партиското соопштение до јавноста, дел од провладините гласноговорници меѓу медиумите излегоа и со наслови како „Амнестија на Заев може да предизвика насилни протести“!?