Опозиционата ВМРО ДПМНЕ во соопштение лиферувано изутрината до медиумите, побара од Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) да излезе со став за договорот за добрососедство со Бугарија, што премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов, го најавија во Софија, за време на посетата на македонската делегација, а од МНР соодветна реакција за заштита на угледот на државата
„МАНУ мора да излезе со став, околу договорот што Заев има намера да го склучи со Бугарија. Молкот на МАНУ за вакви суштински прашања, отвора простор за нови напади и за нови омаловажувања. ВМРО-ДПМНЕ го повикува и Министерството за надворешни работи да реагира, бидејќи станува збор за угледот на државата и на врвната научна институција“, стои меѓудругото во партиското соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ бара и Владата да ја објави содржината на договорот со Бугарија.
„Македонскиот народ има право да знае, какви отстапки направил Заев, бидејќи експертите од Бугарија протолкуваа дека со договорот се става крај на македонизмот, а сиот овој атак не само што не беше демантиран, туку беше премолчен од институциите предводени од СДСМ“, порачува најголемата опозициона партијата во своето соопштение.