Десетина современи украински поети се застапени во најновиот двоброј на списанието „Зенит“. Тие се автори кои изминатите десет месеци творат под татнежот на бомбите и под звукот на истрелите, а својата најнова поезија со призвук на пркос ја објавуваат во Меѓународното списание за наука, литература, култура и уметност „Зенит“, во препев на Звонко Димоски и Игор Станојоски.
-Кога војната доаѓа, покосува речиси сѐ пред себе. Но, колку што таа свирепо касапи, реже и граба, толку уметниците создаваат и со својата уметност ги лекуваат раните на светот. Воената инвазија во Украина беше поттик оваа тема да се набљудува токму од уметнички аспект, не само во овој контекст туку пошироко и подлабоко во минатото, напишаа уредниците на „Зенит“, Ана Витанова-Рингачева, Сузана Мицева и Далибор Плечиќ.
Покрај литературни текстови, „Зенит“ во овој двоброј објавува и репродукции на ликовни дела повторно мотивирани од војната. Изборот на делата е на ликовниот уметник Никола Пијанманов.
Двобројот е поделен на две целини: „Слика 1“ со интервјуа, поезија, проза и репродукции во кои се зборува за војната и „Слика 2“ со стандардните рубрики на списанието.
„Зенит“ оваа година излегува во 500 примероци, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и од Општина Струмица.
Извор: Фронтлајн.мк