Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ синоќа беше отворена изложбата – инсталација насловена „Превдомување“ од прилепскиот уметник Јасмина Руневска.
Според Бисера Бендевска која ја отвори изложбата, преку изложбата– инсталација на Руневска имаме можност да ги погледнеме нашите одрази во сите предмети и да се вклучиме во нивните приказни отворени за допишување, за изменување, за присвојување, а и за отфрлање.
– Ова што вечерва е изложено ни припаѓа на сите што ќе го населиме овој дом, сите денови додека трае овој настан. Оттаму превдоменоста, оттаму несебичното споделување на авторството на нашиот домаќин. Домот е местото на нашата огледална проекција, што е утописки, зашто е референтна слика на идеалите за постигнување на вистински Дом. Домот не е исклучиво на поединецот, туку е феномен кој се подразбира по збирна множина, а во него предметите имаат парче од душата, рече Бендевска.
Руневска досега изложувала во Индија, Франција, Турција, Србија и во Македонија.
Извор: МИА