Пратеничката од СДСМ Мери Лазарова која беше потешко повредена во сообраќајна несреќа вчера е хоспитализирана на скопските Клиники, додека градоначалникот на Валандово Перо Костадинов бил полесно повреден, информираат од полицијата.
Сообраќајната несреќа се случила вчера околу 17:50 часот на патот Демир Капија – Удово, на местото викано „Маркова чешма“. Според полицијата, Лазарова управувајќи патничко возило „Опел Корса“ со гевгелиски регистарски ознаки удрила во одрон од камења на коловозот. Веднаш потоа, А.М. (57) од Богданци, управувајќи товарно возило „Волво“ со гевгелиски регистарски ознаки, кој возел зад „Опел“, удрил во возилото „Опел Корса“.
Лазарова во возилото била со градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, а по ударот тие со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Општа болница Кавадарци.
Кај Костадинов, според полицискиот билтен, биле констатирани телесни повреди, додека кај Лазарова биле констатирани тешки телесни повреди. Поради сериозноста на повредите, пратеничката била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Неготино.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини