Вработените во Амазон во Германија и Италија денеска повикаа на штрајк со цел да скренат внимание на своите услови за работа. Утре е популарниот „црн петок“, ден на огромни попусти поради што во Амазон пристигнуваат рекорден број нарачки од целиот свет.
„Тоа за нас е најдобриот ден да извршиме притисок врз работодавачите, кои со години не игнорираат, а проблемите на вработените, посебно здравствените, се чести во Германија, но и во целиот свет“ – изјави портпаролот на главниот германски синдикат во услужни дејности, Томас Фос.
Повикот на штрајк во Германија се однесува на шест локации на Амазон, но Фос изјави дека тоа „за жал, нема да доведе до целосна парализа“ на германските нарачки.
Синдикатот, во кој членуваат околу 35 проценти од вработените во Амазон Германија, бара примена на првиот колективен договор со американскиот гигант, фокусиран на здравјето на работниците.
„Амазон си игра со здравјето на своите работници. Ги притиска да работат повеќе за помалку време, а оценките за учинок и надзор се постојани, додека времето за опоравување е недоволно“ – наведува синдикатот.
Во Италија, работниците во дистрибутивниот центар во Кастел Сан Џовани денеска штрајкуваа. менаџментот на Амазон Италија уверува дека остануваат „фокусирани на целта што поскоро да ги извршат испораките на клиентите на `црниот петок`“.
Францускиот синдиокат ЦГТ не се придружи на штрајкот.
Минатогодинешниотѕ „црн петок“ во САД го собори рекордот во онлајн продажба со заработени три милијарди долари.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.