Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека пратениците од нивната партија нема да учествуваат во работата на Собранието, бидејќи во моментов таму нема демократски амбиент за работа. Мицкоски потенцира дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена, обединета и апсолутно конструктивна и учествува заеднички во креирање на ставовите и одлуките.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната координација одлучи дека нема да учествува во работата на Собранието за нормално демократско функционирање на оваа институција“, рече Мицкоски, кој повтори дека 12 проценти од нивните пратеници се сѐуште во притвор, а тоа се пет проценти од вкупниот број на пратеници кои се соочуваат со конструирано обвинение за тероризам.
Ги повтори констатациите на народниот правобраниетл дека при приведувањето на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Жаклина Пешевска, на 28 ноември 2017 година, е повредено правото на пратенички имунитет, загарантирано со член 64 од Уставот на Република Македонија и оти полициските службеници не се придржувале до правните процедури за приведување определени со член 19 од Правилникот за начинот на вршење на полициски работи, според кој доколку при приведувањето на лицето се повика на имунитет полицискиот службеник откако ќе изврши проверка го прекинува апсењето.
Според Мицкоски, повеќе од јасно е дека надлежните сториле кривично дело по член 140 од кривичниот закон, кој предвидува соодветни санкции за противправно лишување од слобода.
„Сето ова е доказ дека во Македонија имаме класичен политички прогон, злоупотреба на институциите за пресметка со сите кои мислат поинаку и кои не се плашат гласно да се спротистават на антидржавните политики на власта“, предводена од СДСМ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски кажа дека има комуникација со владејачкото мнозинство и со претседателот на Собранието, но потенцира дека таа се темели на „не така чести состаноци“. Нема најава, како што рече, одговарајќи на пратеничко прашање, за нова средба со премиерот Зоран Заев.
За дел од реформските закони ВМРО-ДПМНЕ, како што одговори Мицкоски имаат формирано своја работна група, а работна група има и владејачкото мнозинство.
Мицкоски рече дека не се информирани за средбата што треба да се одржи на 25 и 26 јануари во рамки на Жан Моне процесот.
„За таков процес не сме информирани ниту пак е пристигната официјална покана кај нас, ниту пак ја знаеме содржината и намената на овој процес, така што во овој момент немам што да додадам освен дека ВМРО-ДПМНЕ не е запознаена“, рече Мицкоски.
Од центарот за комуникации на СДСМ, пак, истакнуваат дека тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема услови за демократско функционирање на Собранието се неосновани.
„Со промените по изборот на новата демократска Влада, спроведувањето на реформите и новите политики, започнати се процесите за Собранието да биде вистински храм на демократијата и да работи исклучиво во интерес на сите граѓани. Во тие демократски процеси, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да даде придонес, а не да ги блокира“, велат од СДСМ.
Оттаму потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред интересите на граѓаните и државата и конструктивно да се вклучи во реформските процеси што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што истовремено е врвен државен и национален интерес.
„Новото време на соработка, заедништво, пријателство и напредок ги отвора можностите за развој на Македонија како едно демократско општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви кон правата и кон обврските“, соопштуваат од СДСМ.
Д.М.