ВЕСТ НА ДЕНОТ
Заев, Рама и Вучиќ го потпишаа Договорот за Регионална соработка
Премиерите на Република Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија Александар Вучиќ го потпишаа Договорот за Регионална соработка, кој опфаќа три најзначајни области од оваа иницијатива.
Тоа се Договорот за меѓусебна соработка и помош во случај на елементарни непогоди, катастрофи и несреќи во регионот на земјите потписнички, Договорот за прекугранична соработка кој ќе обезбеди побрз проток на стока преку граници и ке елиминира непотребно задржување. Или како што фигуративно тоа го објасни премиерот на Албанија Еди Рама, во иднина нема да се случува свежи лубеници набрани на нива до крајна дестинација да стигаат исушени поради чекање на граница.
Третиот Договор се однесува на отворен пазар на работната сила, работните дозволи и привремен престој со кој целиот пазар на работна сил на трите земји ќе биде отворен за слободен трансфер.
Ова, како што истакна и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, ќе им обезбеди на младите повеќе простор за избор на работа во регионот, без посебни административни процедури.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – ‘помалку историја, повеќе економија’, за доброто и за иднината на граѓаните. Нашата цел за интегриран регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи поврзани сме посилни. Тоа го го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ“, изјави премиерот Зоран Заев на Економскиот форум за регионална соработка кој се одржува во Скопје.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Во ист ден, на две различни локации, се гледаат двете различни македонски приказни. Едната, позитивна, енергична, прогресивна, иако преполна со неизвесности и предизвици, а другата приказна е со протагонисти кои во сè гледаат можност да постават заседа, да се инаетат и да профитираат со евтин десничарски популизам.
Дали поврзувањето на Балканот ќе биде успешно и колку тоа, освен за сопствениците на бизнисот, ќе биде успешна приказна, ќе се види набрзо. Иако беше на маргините на економскиот форум, за кој допрва ќе има многу дискусија, анализи и шум од мрчаторите, краткиот дијалог меѓу Рама и Вучиќ покажува дека довербата е изградена и дека пријателствата се склучени. Вучиќ вели дека ќе потпише сè што ќе каже Рама, а овој му вели да не избрзува, затоа што ќе побара од него да го признае Косово. И Рама и Вучиќ се чувствуваат убаво и добредојдено, расположени, позитивни и насмеани, како и нивниот домаќин. Тешко дека некој можеше да го замисли тоа во 2014 година кога германската канцеларка Ангела Меркел го отвори Берлинскиот процес“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЈАЛОТ „Двете македонски приказни“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
РЕЗОЛУЦИЈА Собранието ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. За Резолуцијата гласаа 96 пратеник, 95 гласаа „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата Република Северна Македонија.
ДИК Носењето на измените во Изборниот законик, непосредно пред започнување на изборниот процес, се спротивни на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за Локалните избори, 15 и 29 октомври 2017 и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка.
ДРЖАВЈАНСТВО Собранието денеска го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство. За измените и дополнувањето вкупно гласаа 89 пратеници, од кои 57 „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“. Со измените на законот треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на Законот.
ИЗВЕШТАЈ Реновирање на крило на истражниот оддел на Затворот Скопје, затворање на три проблематични крила во Идризово, исполнување на долгогодишните препораки од КПТ за професионално управување со затворскиот систем и правата на вработените – се меѓу подобрувањата констатирани од Комитетот за спречување на тортура при Советот на Европа (КПТ), во најновиот извештај објавен денеска во Стразбур.
ПОМОШ Министерството за економија обезбеди дополнителни 23 милиони денари за ваучери за туризам од 12.000 денари за лица со ниски приходи кои што аплицираа на Јавниот повик. Со ребалансот на Буџетот за 2021 година, обезбедени се дополнителни средства за ваучери за туризам, со што над 3.500 граѓани со ниски приходи оваа година ќе може да летуваат во домашните туристички капацитети, објави на својот Фејсбук-профил министерот за економија, Крешник Бектеши.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
„Испреплетена ми е крвта со сите нации. Низ моите вени спие историјата на човекот. Јас сум дете на светот. Сите се еднакви во моето огледало. За мене разлики, религии, поделби не постојат, постојат само приказни, кои што чекаат да бидат раскажани низ моите очи“, истакна актерката Владанка Димковска во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“.
„Република Северна Македонија историски и суштински секогаш била мултикултурно општество, и тоа според мене претставува сериозно богатство и сериозен потенцијал за развој и на нашата држава и нашето општество“, истакна Џелал Хоџиќ, заменик директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
ЦИВИЛ МОНИТОРИНГ
На Фејсбук страницата „Полн Погодок“ е објавен наводен список со патници во Токио, Јапонија на Олимписките игри 2020. „Полн Погодок“ е всушност сајт за спортски вести, меѓутоа оваа „скандалозна вест“ како што ја насловија „Пикник во Токио“ на ФБ страницата, не е објавена на нивната официјална вебстрана polnpogodok.com. Последната вест на нивниот сајт е објавена на 5 јули со наслов: „Список на играчи за претквалификации за мундијалот: Селекторот Бајиќ ќе ги провери сите расположливи сили за сениорскиот национален тим“…
Ова е само уште една индикација дека не се бираат средства за испраќање на политички пораки преку лажни вести и дезинформации. Очигледно овој наводен „спортски скандал“ има за цел да испрати порака да не се гласа за актуелната власт на претстојните локални избори. Едноставно, одредени структури и играчи се „шампиони во олимписките дисциплини – лажни вести и дезинформации“ или лесно „паѓаат“ на нив.
Д. Муратов