ВЕСТ НА ДЕНОТ
Премиерот Зоран Заев денеска учествува на Самитот за Западен Балкан што се одржува во Виена. Заев, придружуван и од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, има и билатерална средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој е иницијатор и домаќин на Самитот.
„Западен Балкан е преморен од историски недоразбирања и затоа ние, како современи политичари, треба да гледаме напред и да бидеме насочени кон решенија. Кога станува збор за Северна Македонија, ние со Грција покажавме дека е возможно, и од процес на недоразбирање да излеземе како посилни пријатели. Верувам дека тоа е возможно и со Бугарија и затоа бараме и создаваме истомисленици за оваа наша цел и ова наше уверување. Ја враќаме довербата меѓу двете држави, македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила“, изјави Заев на прес-конфернеција по пленарната сесија на Самит-2021.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Да ја направиме заеднички 2021-ва година за паметење, во која ќе биде направен силен исчекор напред бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија. Евроинтеграциите не се трка на кратки патеки, туку маратон со крајна цел – европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме – нема да запреме“, изјави премиерот Зоран Заев на пленарната сесија што се одржа денеска во рамки на Самитот за Западен Балкан во Виена.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ Вклученост на граѓанските организации во креирање локални политики е многу мала, а на промовирањето и познавањето на европските вредности не се обрнува доволно внимание. Колку граѓаните се запознаени со европские вредности, како граѓанските организации и локаната самоуправа придонесуваат до нивно промовирање, дали се имплементира Стратегијата „Едно општество за сите“ и колку ЕУ вложуван алоклано ниво во земјата, беа теми што ги отворивме со претседателката на Здржението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, Благица Димитровска.
МЕДИУМИ МВР достави известување до ЗНМ дека е поднесена кривична пријава против А.Е.(36) од с.Теарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ против новинари.
СОРАБОТКА Хрватските искуства во водењето на преговорите за членство во ЕУ за нас се многу корисни, а помошта е драгоцена, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешниот работен состанок со својот хрватски колега Иван Маленица во Загреб.
АГЕНДА „Креираме и реализираме применливи зелени политики за да ја оствариме „Зелената агенда“ на Балканот како нов пристап за одржлив економски развој и обновување на природните еко-системи. Ја демистифицираме зелената економија со доближување до потрошувачот, стимулирање на приватните инвестиции со конкретни предложени мерки како енергетска ефикасност, соларна енергија, еко системски услуги и е-мобилност“, рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на конференцијата „Зелен економски круг” во Виена.
ПОДДРШКА Меѓу земјите членки на Европската Унија има „огромна“ поддршка за предлогот што го поднесе португалското претседателство неодамна за надминување на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
ЦРНА ЛИСТА Oние што работат против Договорот од Преспа и во држави надвор од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Грција, ќе можат да се најдат на црна листа на САД, изјави за „Гласот на Америка“ портпаролот на Стејт департментот.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Европските вредности и мултикултурата на локално ниво, работилница на ЦИВИЛ во Велес
ЦИВИЛ организира работилница во Велес на тема „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свеста и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“ што ќе се одржи на 22 јуни (вторник), со почеток од 13 часот, во општинската сала.
Ова е само дел од активностите на ЦИВИЛ во напорите да се придонесе кон запознавање, мотивирање и мобилизирање на општеството на сите нивоа и во сите сектори. Конкретно, со оваа работилница се продолжува директната соработка на ЦИВИЛ со општините во креирањето успешни модели за граѓанско учество во процесите на носење одлуки на локално ниво во овие исклучително важно области.
ИНТЕРВЈУ
Таравари: Децентрализацијата не се спроведува
ЦИВИЛ разговараше со градоначалникот на општина Гостивар, д-р Арбен Таравари, на интервју во рамките на проектот „Европски перспективи: Следно ниво“, за родиот (дис)баланс во вклученоста на локално ниво, за тоа дали е почната предизборната кампања на градоначалниците, за европските вредности на локално ниво, како и децентрализацијата и односите помеѓу државните и локалните власти.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Се чини дека и за Скопје и за Софија, „белиот“ пат за Брисел води преку „црната“ листа на Вашингтон. На релација Софија – Скопје – Брисел, претстои интензивно дипломатско лето и динамична легислативна есен. Но, засега останува отворено дали медијаторите ќе останат зад завесите на мистичната тајна дипломатија, или пак некои европски дипломатски мултикултиватори и по некој американски дипломатски булдожер, сепак ќе ги видиме на јавната дипломатска сцена.“, пишува Зоран Иванов во „Скопје – Софија виа Вашингтон“.
„Отвораме нова фаза во развојот на медиумската платформа на ЦИВИЛ која во наредниот период ќе стане уште поголема и уште повлијателна. Затоа, во овој Едиторијал, сакам да ги потсетам сите поддржувачи и членови на ЦИВИЛ како организација, како и на сите учеснички и учесници во активностите на нашата организација, дека нашиот медиумски простор е отворен за секој што сака да даде свој придонес.
Тоа може да биде пријава на случај на кршење на човековите права и слободи, корупција, дезинформации и говор на омразата, изборни нерегуларности. Исто така, добредојден е секој што сака да објави став, анализа или коментар на одредена тема, особено ако таа е соодветна на нашите програмски и организациски заложби. Нашиот Тим за координација и Редакцијата им се на располагање на сите заинтересирани да ја искористат шансата да придонесат кон креирањето на политиките во нашето општество“, пишува Џабир Дерала во денешниот ЕДИТОРИЈАЛ „Платформа за сите храбри, паметни и активни граѓанки и граѓани“.
„Бугарија ќе отиде уште подлабоко во тоа квасење. Веќе е легната како валкана чорапа во легенот со свински сапун. Дури и да не дојде ред да се чука со пирајки, општеството ќе се подисчисти, но исто така по цена на многу време и многу загубени шанси. По цена на многу штети. До моментот кога нема да знае што сакала да прави во Македонија, со Македонија и со себе. До таа мерка ќе биде десубјективизирана. Тој процес е почнат и многу силно напредува. Нацијата ќе се атомизира, кретенизира, излудува, корумпира, циркузира, до нивото од кое времето пред блокадата ќе ѝ се чини како периклово“, пишува Бранко Тричковски за Фронтлајн во колумната „Косовизација на Македонија“.
Б. Јордановска