Премиерите Зоран Заев и Еди Рама, во рамките на ‘Самитот 100’, констатираа дека Република Македонија и Република Албанија имаат одлични политички односи. На билатералната средба синоќа, се отворени прашања, коишто се добра основа за интензивирање на соработката, во насока на примена на европските стандарди, економска соработка и обезбедување услови за евроатлански интеграции на целиот регион.
„Владата на Македонија ќе продолжи да ги развива добрососедските односи низ пријателски дух, така што и натаму ќе придонесува за регионалниот развој, и со цел отворање на НАТО и ЕУ перспективите, кои се стратешки цели на државата“, рече премиерот Заев.
Како што соопшти прес-службата на Владата, Рама му честиташе на Заев за остварените фер и демократски локални избори.
На средбата се разгледани можности за унапредување на економската и трговската соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија.
Посочено е дека заедничкото учество на средбата „Самит 100“ во Скопје е доказ за политичката волја за развој на регионалната економска соработка, за поврзување на бизнис заедниците, за заеднички инвестиции, вмрежување и транспортно поврзување. Изразено е очекување дека ЕУ ќе ги препознае и поддржи заложбите на државите од регионот за продлабочување на потребната регионална соработка и за интеграциите во ЕУ, но и за потребите на граѓаните од регионот.
На средбата е договорено, наскоро да се интензивираат активностите за заедничка седница на владите на Република Македонија и на Република Албанија.