По убедливата победа на СДСМ во 57 општини на локалните избори и по очекувано очајничкиот, но непотребно долг говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој соопшти дека не ги признава изборите, Зоран Заев се обрати до граѓанките и граѓаните, порачувајќи дека убедливата победата не е крај, туку почеток на новиот живот во Македонија.
„ Им честитам на сите граѓани за денешниот празник на демократијата. Имавме демократски, фер, чисти избори. Имавме избори што се вистинска слика за волјата на граѓаните. Резултатот во вториот изборен круг беше очекуван и за нас и за нашиот политички противник, но и за граѓаните“, им се обрати Заев на граѓан(к)ите.
Заев порача дека победата на локалните избори значи дека Македонија се движи во вистински правец и дека новоизбраните локални власти веднаш ќе се фрлат во „акција за живот и целосна посветеност на потребите на граѓаните“.
Тој потенцираше дека нема потреба од еуфорија, туку од работа.
„Завршуваат прославите вечерва. Од утре, да работиме напорно за стандардот на граѓаните, за држава што на граѓаните ќе им биде сервис, да работиме за сите… Ги повикувам и ВМРО-ДПМНЕ да го преиспитаат својот став за непризнавање на овој изборен процес, којшто, и тие самите знаат, помина во целосно слободна, фер и демократска атмосфера“, изјави Заев.
„Почитувани граѓани, нека ни е вечна слободата, да живее просперитетна, европска, демократска Република Македонија“, порача лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
Зборот е збор. Ама, на почетокот беше дело…
Б. Ј.