Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, синоќа на митинг во општината Ѓорче Петров, го осуди секој вид на насилство во изборниот процес. Тој повика на воздржaност од активности кои би оставиле дамка врз овие избори, објави агенцијата Мета.
„Урнавме режим со пенкало. Владата и надлежните институции ќе имаат нула толеранција за прекршување на изборниот процес. Сакаме кристално чисти избори“, порача Заев.
За неговите противници, тој рече дека секој глас за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е глас за Никола Груевски.
„Груевски нема каде да бега од правдата. Правда ќе има и ќе одговара пред независните судови како што личи во секоја демократска земја“, рече Заев, на митингот во Ѓорче Петров.
Од друга страна, по инцидентот во којшто е повреден кандидатот за градоначалник од Сојузот на Роми на Македонија, којшто е и актуелен градоначалник на општина Шуто Оризари, Елвис Бајрам, се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, во чија коалиција е ромската партија.
„Ова претставува уште едно грубо и брутално нарушување на изборниот процес. Имаме серија на груби прекршувања на Изборниот закон и инциденти на кој полицијата и институциите на Владата, предводена од СДСМ, молчат. Институциите покажуваат недостаток на капaцитет и способност да ги расветлат ваквите настани, додека органите под контрола на СДСМ се активно вклучени во нарушување на изборната атмосфера.Сите овие инциденти се израз на нервозата во редовите на СДСМ и свесноста дека тие ќе доживеат пораз. Кога не би биле нервозни и соочени со уште еден изборен пораз, не би се случувале груби нарушувања на изборниот процес“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
ЦИВИЛ-Центар за слобода со соопштение побара од институциите решително да се спротивстават на насилството. Воедно ги повика граѓанските новинарки и новинари, будно да ја следат ситуацијата на теренот и за секој инцидент веднаш да испратат видео-снимка до ЦИВИЛ.