Здравко Савевски го нападна ЦИВИЛ на својот Фејсбук профил денеска. Притоа, не направи разлика меѓу личен став, изнесен во колумна на Џабир Дерала, објавена на ЦИВИЛ Медиа, Плусинфо и Слободен печат, туку ја нападна организацијата ЦИВИЛ со груби дисквалификации.
Савевски на својот профил напиша: „Султанот на Цивил, Џабир Дерала, си дозволи да ја валка Левица. Одработувачу за власта, сакам да ти ги поставам овие две прашања: 1) Каква мировна организација е Цивил кога активно агитира за референдум преку кој Македонија ќе биде напикана во воен сојуз?, 2) Ем отворено агитирате за позитивно изјаснување на референдумот ем се пријавивте да го набљудувате референдумот, во наводно неутрално својство. Мислите дека до толку е слеп народот и нема да го види вашето соучество во лажирањето на референдумот? Ми се гади од луѓе со низок морален интегритет кога ќе земат да тврдат дека црното е бело само за да лапнат некоја паричка плус!“
ЦИВИЛ – Центар за слобода со индигнација и во целост ги отфрла клеветничките наводи на лидерот на партијата Левица, бидејќи многу е јасно за што се залага и што работи организацијата што тој грубо ја напаѓа. Мониторингот на референдумот е придружен со граѓанска едукација и повик да се искористи правото на глас, соодветно на статутарните и програмските определби на организацијата. Повикот за искористување на правото на глас е транспарентно објавен во повеќе наврати и се заснова на позицијата дека со гласањето, граѓанките и граѓаните учествуваат во важни одлуки за себе, за своите блиски и за целата земја.
Како и до сега, така и во иднина, ЦИВИЛ ќе остане остар критичар на лошите политики и практики на секоја власт, за што доказ е секојдневната јавна активност на организацијата, за што признание е огромната доверба што ја ужива меѓу граѓанките и граѓаните во целата земја.