Зеленски изрази загриженост за забавување на западниот дипломатски моментум, особено околу иницијативата „коалиција на подготвените“ предводена од Франција и Велика Британија, пренесува Кијив Индипендент.
Претходно, медиумите објавија дека „коалицијата на подготвените“, чија цел е да понуди безбедносни гаранции за Украина по прекинот на огнот, се соочила со одложувања поради отсуството на посветеност на САД.
„Европа сè уште не одлучила што да прави ако Америка се повлече“, рече тој. „Нивната енергија зависеше од решителноста на САД. Без неа, работите се забавуваат“.
Сепак, Зеленски јасно стави до знаење дека Украина нема да прифати никакви ултиматуми од Москва поради неизвесноста на западната поддршка. Тој ги опиша најновите руски предлози за прекин на огнот како капитулација.
„Тие се преправаат дека се подготвени за разговори, но сè што нудат е ултиматум“, рече Зеленски. „Ние нема да се согласиме со тоа. Не сега, ни никогаш“.
Зеленски, исто така, изрази оптимизам дека 18-тиот пакет санкции на Европската Унија ќе биде усвоен подоцна овој месец и рече дека лично ќе се залага за поблиска координација меѓу САД и ЕУ на самитот на Г7.
Д. Мишев