Шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија амбасадорот Самуел Жбогар, денеска ќе ја посети општина Конче како дел од кампањата „ЕУ за тебе“, чија цел е подигање на свеста и информирање на јавноста за помошта од ЕУ во земјата.
Како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Жбогар заедно со постојаниот претставник на УНДП, Лујза Винтон, ќе се сретнат со градоначалникот на општината, Благој Илиев, а ќе го посетат и локалниот пат во Конче, кој се реконструираше во рамки на Програмата на ЕУ за обнова по поплавите. Оваа инвестиција на ЕУ во износ од 187.000 евра, се посочува, помогна на жителите на општината да се поврзат со околните градови и села.
Амбасадорот, исто така, ќе го посети и проектот за развој на туризмот во општина Конче – „Мантово“, финансиран од ЕУ во рамки на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија. Целта на проектот е да се подобри туристичкиот потенцијал преку подобро зачувување и одржливо користење на природното и културното наследство во регионот.
Оваа посета е дел од активностите за одбележување на Европската година за културно наследство 2018.
извор:МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.