Евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешната средба со премиерот Зоран Заев, позитивно ја оценил моменталната позиција на Македонија во поглед на нејзиното влегување во ЕУ. „Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија е конечно подготвена да оди напред, во интерес на иднината на граѓаните и на државата. Република Македонија ја има најголемата шанса за успех досега, за остварување на стратешките евроатлантски цели“, рекол евроамбасадорот Жбогар на средбата со премиерот Заев.
Во соопштението на Владата се вели дека премиерот Заев ја потврдил цврстата определба на Владата за демократски, фер и регуларни локални избори, што е исто така, поздравено од Европската унија.
„Владата на Република Македонија е определена да обезбеди квалитетен живот на граѓаните. Ќе ги спроведеме потребните реформи и низ политиките на градење мостови, ќе ги осигураме евро-атлантските перспективи. Сметаме дека со сите позитивни чекори што ги правиме како Влада и како држава, реални се надежите Република Македонија да добие чиста препорака и датум за преговори со ЕУ, како и покана за членство во НАТО“, потенцирал Заев на средбата со Жбогар.