ЦИВИЛ- Центар за слобода ја изрази својата поддршка за иницијативата #5до12. Тимот на ЦИВИЛ денеска се приклучи на големиот број на граѓан(к)и кои во изминатите неколку денови, во повеќе од десет градови низ Македонија, се потпишуваат во Отворената книга, како дел од иницијативата за законски измени и дополнувања, со што ќе се подобри животот на лицата со посебни потреби.
Граѓан(к)ите на Прилеп, Охрид, Струмица, Гевгелија, Валандово, Тетово, Гостивар, Велес, Кавадарци, Куманово и Неготино, во текот на денешниот ден имаа можност да се потпишат во отворената книга и со тоа да станат дел од 10.000 потписници, чии потписи, заедно со барањата, ќе бидат доставени до Собранието, од кое се бараат законски измени и дополнувања со кои треба да им се подобри животот на лицата со посебни потреби.
Како дополнување на листата на градови, за утре потпишување е најавено и во Струга и во Ресен.
И покрај тоа што, поради големиот одзив на граѓан(к)ите се очекува до крајот на денешниот ден да се собират потребните 10.000 потписи, сепак, како што известуваат од иницијативата – собирањето на потписи ќе продолжи до петок.
М. Т.