ВМРО-ДМНЕ мина низ едно многу жешко лето, но го чека уште пожешка есен. Ова се денови на освестување на десната опција во Македонија. Партиските ветерани си ја бараат партијата назад.
Огромен број верни членови сега веќе добро знаат дека Груевски и неговото злосторничко здружение им ја украде и зароби партијата, а преку неа ја држеше во заробеништво државата 11 години. Сега се свесни дека се злоупотребени и беа валкана алатка за притисок, изборни манипулации и тежок грабеж. Тој грабеж ги осиромаши и им ја украде иднината на нивните деца, а им донесе само страв и неостварени надежи. Живот од денес за утре. Ништо повеќе. Ништо од гордоста и сјајот кои им беа ветени.
Ете, тие луѓе сега се гневни и го бараат назад тоа што им беше украдено. На средбите во Скопје, Штип и Битола се гледа прекршувањето, се гледа дека системот на лаги и насилство се урива. Скромни, но решителни, вооружени со факти и горчливи искуства, Реформаторите поведоа своевидно внатрешно востание. И се трудат да ѝ го вратат достоинството на партијата по ненасилен пат. Колку тоа ќе го дозволи кликата на Груевски, останува да видиме.
На самиот почеток на битолската средба (14 август) во хотел Милениум, присутните побараа настанот да се одржи во штабот на партијата. А таму, пак, беа собрани приврзаниците на Груевски… Состанокот бил свикан за да се спречат луѓето да појдат кај Реформаторите. Слушам, и работниците во РЕК Битола биле задржани подолго. Сепак, во Милениум имаше повеќе од доволно луѓе загрижени за својата партија. Гласно бараа Груевски да си оди од партијата.
Во Охрид (12 август), само два дена пред битолскиот настан, новиот генсек на Груевски, Кристијан Мицковски, доживеал непријатно изненадување. Охриѓани решително одбиле некој од Скопје, а особено не Груевски, да им ја крои кандидатската листа за градоначалници. Малку недостасувало груевистите и Реформаторите да влезат во тотална пресметка. Завршило на кошкање…
И Љубчо Георгиевски, основачот и идеологот на најголемата десничарска партија во Македонија, сега и најбогата во Европа, човекот кој со години е надвор од партијата која ја формираше, повика на единство и реформи. Колку што знам, ќе му биде вратена членската книшка со истиот регистарски број од порано. Треба само да го побара тоа.
Се надевам дека свеста за тектонските поместувања во оваа партија ќе допре и до нејзините пратеници во Собранието. Наместо да стојат како топовско месо за паднатиот деспот и неговиот каплар Зврлевски, треба да го слушнат татнежот на промените. Додека не стане предоцна.
Објавено во Плусинфо и Слободен печат (16/8/2017)