На денешната собраниска седница пратениците ќе расправаат за разрешувањето на актуелниот Јавен обвинител Марко Зврлевски.
Со осум гласа „за“ и еден „против“, Советот на јавни обвинители го усвои предлогот на Владата за разрешување на досегашниот јавен обвинител Зврлевски.
Во предлогот на Владата за разрешување на Зврлевски стои дека со своето однесување и дејствување покажал оти не е способен за извршување на функцијата, како и дека незаконски, ненавремено и недоволно стручно постапувал по предметите и дека не поднел барање за покренување на кривична постапка за случаи предвидени со закон. Според предлогот, Зврлевски го нарушил угледот на функцијата.
Точката за негово разрешување е 30-та на дневниот ред, но според најавите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, таа ќе биде меѓу првите.
Иако Зврлевски има право да присуствува на денешната седница, не е познато дали тој ќе се појави во собраниската сала.
Функцијата Републички јавен обвинител Зврлевски ја извршуваше четири години. На оваа позиција дојде од скопското Јавно обвинителство, наследувајќи го дотогашниот обвинител Љупчо Шврговски. Беше единствен кандидат на огласот, а Собранието го изгласа на 21 јануари 2013 година, во вечерните часови, со 58 гласови „за“ и ниту еден против или воздржан.
На свечената заклетва Зврлевски се обврза дека ќе постапува непристрасно и дека ќе ги почитува сите принципи и правила.