„Законот за амнестија нема да го реши проблемот со затворите, ќе ја реши пренатрупаноста, но нема да го решите проблемот со корупцијата. Мора да се реши проблемот со корупцијата, особено во затворот ‘Идризово’. Овде има затвореничко општество, тука не владеат законите на Република Македонија, тука владеат затворски закони!“, изјави утрово, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска на прес-конференцијата во затворот.
Пировска потенцираше дека според стандардите на Советот на Европа, условите во затворот „Идризово“ се квалификувани како тортура.
„Под тортура, не се подразбира само физичко насилство, туку и условите“, рече Пировска.
Таа потенцираше дека продолжува праксата, да се поставуваат партиски луѓе на работа во затворот „Идризово“: „Мора да разбереме дека со оваа деликатна категорија на луѓе, не може да работат луѓе дојдени од Јавно претпријатие за шуми или други, значи, мора да бидат експерти“.
Пировска истакна дека секој извршен коруптивен чин од стражарската служба треба најостро да се санкционира и да постои надзор врз нивната работа.
Текст и камера: Дехран Муратов
Монтажа: Маја Ивановска