ВЕСТ НА ДЕНОТ
По вчерашниот инцидент кога ексминистерот за економија Беким Незири, сега вработен во М-НАВ, заедно со 8 членови на ДУИ од Чаир упаднале во институцијата и нападнале вработени во радарската соба каде што е сместена обласната Контрола на летање и каде што се водат прелетите, доцна синоќа Владата информираше дека на иницијатива на премиерот се донесени одлуки за итно разрешување на постоечката ситуација во М-НАВ кои ќе бидат реализирани веќе на следната владина седница. Струковиот Синдикат на контролорите на летање – ССКЛ доцна синоќа одржа вонреден состанок, на кој одлучиле дека доколку директорите на Македонската навигација не си поднесат оставки или Владата не ги разреши на првата наредна седница закажа во вторник, следниот ден (10 јануари) ќе стапат во штрајк со затворање на воздушниот простор.
Во меѓувреме, МВР на службен разговор го повика Б. Н: (Беким Незири) по налог на Основнот Јавно Обвинителство. Претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски денеска беше повикан во Делегацијата на Европската унија во Скопје по последните случувања во М-НАВ., додека, пак директорот на Македонска навигација М-НАВ, Фахрудин Хамиди, изјави дека нападот врз контролорите на летање бил конфликт меѓу колеги кои се познаваат 20 години.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан, инцидент или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај. Во врска со вчерашните случувања, инспекторите од АЦВ, во рамки на своите овластувања извршија вонреден инспекциски надзор и од областа на безбедноста и од областа на обезбедувањето на воздушниот сообраќај. Целта на ваквиот надзор е да се дојде до неопходни сознанија за евентуални недостатоци во системите за безбедност и обезбедување, кои би можеле да имаат евентуални последици врз сообраќајот и таквите последици да се отстранат“, изјави Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украинскиот „Дифенс експрес“ објави извештај во кој се сугерира дека Русија користела севернокорејски балистички ракети КН-23 за време на масивните напади на 29 декември 2023 година, насочени кон Запорижја и на 2 јануари 2024 година, насочени кон Харкив.
*
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го увери украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ќе продолжи поддршката од Г7 за Украина.
*
Најновата западна поддршка за борбата на Украина против руските агресори се состои од пакет воена помош од Германија кој кој вклучува ракети за противвоздушна одбрана, борбени возила на пешадија, радари, камиони и друга опрема, какои и два Ф – 16 кои Белгија ги испраќа во Данска за обука на украински пилоти.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПАРТИИ Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори 2021 година, потврди дека се подготвува да формира политичка партија.
ЕУ Со средби на претставници на Европската комисија и на белгиската Влада попладнево во Брисел се одржува официјална инаугурација на претседавањето на Белгија со Советот на Европската Унија.
КОНФЛИКТИ
Блискиот исток се приближува на работ на регионална војна, која администрацијата на Бајден се обиде да ја спречи по смртоносните напади на Хамас против Израел на 7 октомври. Растечките напади принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови на границата меѓу Либан и Израел, додека израелските сили продолжуваат да го напаѓаат градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа.
*
Шефот на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека е „многу вознемирен“ од изјавите на високите израелски претставници кои ги повикуваат Палестинците да ја напуштат Газа.
*
Агенцијата на Обедеинтетите нации за итна помош-OCHA синоќа соопшти дека хуманитарните агенции со денови не можат да ја достават итно потребната помош за спасување на живите на жителите во северниот дел на Газа.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми: Рама под истрага на СПАК; според извештај на американскиот конгрес Рама потрошил илјадници долари во хотел на Трамп; српскиот политичар Сандуловиќ брутално претепан од БИА поради оддавање почит на семејството Јашари
ДЕЗИНФО
„Српскиот политичар Срѓан Ного, поранешен пратеник и член на десничарската и националистичка партија Двери во Србија, веќе два дена објавува фотографии на неговиот профил на Х (Икс) од настаните поврзани со киднапирањата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска и нивните убиства и најавува дека денеска ќе објави нови видоеснимки. За грабнувањето и убиството на Жежоски и Ѓорчевска првоосомничен е Љупчо Палевски-Палчо кој е во притвор во Турција“, се вели во изветајот на ЦМТ „За кого и за чии интереси српскиот радикалец и рашист Срѓан Ного ја мати истрагата за случајот „Палчо“?“
„Буданов во кома“, „Олена Зеленска купува луксузен накит и тргува со деца“ и „ХАМАС добива украинско оружје“ се најдоа на листата од Топ 10 спиновите кои руската пропаганда ги ширеше во 2023, пишува Драган Мишев во „Топ 10 манипулации и дезинформации на руската пропаганда во 2023“
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во доба на гнев, огорченост и длабока недоверба, враќањето на надежта станува императив. Наместо уживањето во безнадежноста, на луѓето им е потребна вистинска надеж за позитивни промени. Соочени со пропагандата и сензационализмот, и екстремниот воајеризам и егзибиционизам на социјалните мрежи – поттикнувањето надеж им дава моќ на луѓето да веруваат во подобар свет и го зајакнува нивниот капацитет да направат значајна разлика“, пишува Џабир Дерала во „2024: Суштински елементи за навигација во екстремно тешка година“.
„Додека траеше роденденската прослава ( дозволете ми малку фикција, бидејќи се случуваше во ист ден, колку и да не е во исто време од денот) во објектот на скопскиот меѓународен аеродром, во просториите каде што се извршуваат исклучително комплексни задачи – контрола на прелети и се што подразбира тоа, како што е и безбеден лет, безбедни слетувања и полетувања, надзор на воздушните простори низ кои патуваат наши сограѓани и граѓани од целиот свет – членови на неговата партија и негови блиски соработници влегле и ги натепале службениците“, пишува Дијана Тахири во „И авионите летаат како што „свири“ ДУИ“
Подготви: Б. Јордановска