По некој претходен повод, ако добро се сеќавам, напишав: Цивил е Џабир, Џабир е Цивил. И еве сега, убеден во оваа сопствена максима за Цивил и за Џабир, од сесрце на Цивил и на Џабир им ја честитам годишнината.
Цивил се: автентични, афирмирани, престижни, овде и во меѓународни рамки конкурентни и како организација и како личности со, до степен на идеологија, уникатна космополитска програмска философија.
Тимот на Цивил, тимот на Дерала, со неговите најблиски соработници – Соња, Горан, Биљана, Дехран, Дијана, Јане, Драган – е тим на веќе прекалени борци за плурална демократија, за слобода, за правда и праведност, за еднаквост без било каква задршка, за хуманост и солидарност, за граѓанска индивидуалност без разлика на етнос, вера, нација, пол, ориентација или, пак, политичка определба.
Тоа се тие, Цивил: Борци за едно општество за сите и за еднаква држава за сите и за секој посебно.
24 години Цивил – дваесет и четири лета идеализам крепен од самопрегор на тимот и соработниците е минато за вонредна почит и, во исто време, и извесна иднина за нови дострели.
Честит роденден, ЦИВИЛ!