ВЕСТ НА ДЕНОТ: ЕК ја објави новата методологија за преговори
Европската комисија денеска ја објави новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, со која треба да се унапреди процесот, со што тој би станал поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив.
Новата методологија предвидува групирање (кластери) на преговарачките поглавја и тематските области, можност за надградување на реформите со поголемо финансирање и наградување на индивидуалните постигнувања на кандидатите, но и санкционирање во случаи кога нема напредок со ставање во мирување на преговорите во одредени области, па дури и нивна целосна сузпензија.
Фокус се става на основните критериуми – владеење на правото и демократски институции. ЕУ од своја страна треба да ја потврди и испорача својата непоколеблива посветеност на процесот што ќе се базира на постигнувањата, а политичката природа на процесот треба да биде ставена напред и во центар со механизми како што се редовните самити ЕУ-Западен Балкан и меѓувладини конференции со земјите кандидати.
БЛИЦ: И сето тоа поради технички кловнови…
Биљана Јордановска: Техничка влада што треба да спроведе избори, а всушност работи на партиски агенди и кампањи? Пратеници и пратенички групи во кои најголем дел се само за да опструираат, блокираат, кочат? Ма неее…
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Најчевска: Техничката влада покажува дека државата нема демократски капацитет
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: Ништо драматично во нашава драма
Сите сме за коалиции, ама тешко ни паѓаат – круните. Вака некако би ги опишала млитавите обиди на албанскиот блок опозициски партии за коалиција. Алијансата за Албанците писмено ги кани Беса и Алтернатива да се здружат против ДУИ. Ама ДУИ не сака.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО
Дескоска: Министрите на опозицијата не ги почитуваат законските правила за техничка влада
Министерката за правда, Рената Дескоска за ЦИВИЛ Медиа вели дека во политичкиот систем како функционираат институциите многу зависи од тоа кој седи во тие институции.
„Може да имате кохабитација, претседателот на државата да е од една партија, а претседателот на парламент да е од друга и тоа да функционира, ако има политичка култура и желба да се почитуваат законите. Но, исто така може да имате ситуација во којашто ќе ви се блокира системот.
К-15 за државната администрација
Колективниот договор за државната администрација помина на вчерашната владина седница, а во него, меѓу другото е предвидена исплата на К-15.
Ова е прв грански колективен договор за административните службеници и правосудните органи по 1995 година, со кој администрацијата се стекнува и со дневници за трошоците за превоз и трошоците за ноќевање за службени патувања, а се утврдува и правото на денови на платено отсуство заради лични и семејни околности до седум работни дена во годината, правото на неплатено отсуство, како и други права.
ДИК ќе разгледува дали вработувањата во јавниот сектор се донесени согласно закон
Државната изборна комисија (ДИК) денеска во 11 часот одржи седница на која го разгледа барање на дополнителната заменик министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска бара од ДИК, согласно член 48 став 1 од Законот за Влада да донесе одлука дали издадените согласности за вработувања во институциите во јавниот сектор, како и во трговските друштва во државна сопственост се донесени согласно законот и дали произведуваат правно дејство.
Деркоски: ДИК не е надлежен да ги прекројува границите на изборните единици
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски вели дека Изборниот законик во членот 175 ги утврдува границите на изборните единици и опфатот на местата и општините и според тоа се знае во каква постапка и кој е овластен во државата да предлага измени на закони.
-Тоа е Владата како овластен предлагач, пратеници или пратенички групи во Собранието. ДИК во оваа ситуација нема никаква надлежност. Комисијата по добивање на состојбата секој месец има обврска да ги известува надлежните за состојбата во Избирачкиот список, односно за она што е плус/минус 5 проценти надминување или ненадминување и тоа ДИК го прави. Друго не може ништо да направи, рече Деркоски.
Протести пред цементарница УСЈЕ: Директорот доби пехар за трујач на годината
Денешниот протест пред цементарница УСЈЕ, кој го организираа активисти од здружението „За чист воздух“, започна со едноминутен молк за настраданите од загадувањето, а заврши со доделување пехар за трујач на годината. Пехарот беше наменет за генералниот директор Борис Хрисафов, кој од присутните беше посочен како најголем виновник за, како што рекоа, труењето со отпад кој се гори во печките на цементарница.
Сугарески: Техничката влада треба да спроведе избори, а не да владее и управува
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во разгвор со ЦИВИЛ Медиа зборуваше за ингеренциите на Министерството во предизборниот период, како дел од техничката влада и за време на избори.
„Во Министерството за транспорт и врски разговараме за темпото на работа да не биде намалено, освен она што согласно Изборниот закон сме спречени. Согласно планот за јавни набавки ние можеме да тендерираме и да работиме на терен. Во извесен временски период не смее да поставува, на пример камен темелници и да има наше учество во тоа. Меѓутоа за мене е побитно да се работи на терен, отколку да сечеме ленти или одиме на камен темелници. Да, ние често пати правиме увид за да ја утврдиме колкава е динамиката на раст на тие проекти што ги водиме. Јас не очекувам никако да застане динамиката. Тендерите што биле планирани се дел од нив распишани во јануари, дел се од крајот на минатата година.“
Разговорот може да го проследите ТУКА
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Панел дискусија на ЦИВИЛ: Сајбер нападите – предизборно оружје
ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Сајбер нападите – предизборно оружје“ на која ќе стане збор за сајбер нападите врз интернет медиумите и како тие се користат како предизборно „оружје“. На панел дискусијата, панелистите ќе споделат информации и искуства на оваа тема, актуелна во светот и кај нас. Панел дискусијата ќе се одржи во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион во Градски Парк), четврток, 6 февруари 2020, со почеток во 12 часот.
Што се сајбер нападите, како тие влијаат врз работата на медиумите, какви комерцијални, медиумски и политички импликации имаат и како тие се користат како предизборно „оружје“, се дел од прашањата на кои ќе говорат панелистите на ЦИВИЛ, Сашо Орданоски, Јане Ѓорѓиоски и Ермин Климента. Модератор на дискусијата ќе биде Џабир Дерала.
Непосреден повод за оваа тема се зачестените сајбер напади врз интернет медиумите во предизборниот период. Меѓу метите на сајбер напади се и Слободен печат, ЦИВИЛ МЕДИА, како и низа други интернет медиуми.
Како и секогаш, настанот е отворен за јавноста, а присуството на панел дискусијата е можност и за директно вклучување со коментари, сознанија и искуства со сајбер нападите.
Семинар на ЦИВИЛ во Струмица: Не пропуштајте ја можноста за активно учество во транспарентни и одговорни политички процеси
По успешниот семинар во Гостивар, ЦИВИЛ организира целодневен семинар за Југоисточниот регион кој ќе се одржи на 8 февруари во Струмица, во хотел Есперанто. Право на учество на семинарот во Струмица ќе имаат граѓанките и граѓаните на општините Струмица, Василево, Босилево, Ново Село, Конче, Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија.
Апликација за учество на регионален семинар „Граѓански објектив“ во Струмица
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во што е смислата на дузина актуелни пратеници во Собранието (и уште три-четири дузини бивши и сегашни функционери во раководството на опозицијата) да им се заканувате дека ако не го изгласаат законот според кој ќе треба да продолжат да одговараат за обвиненијата со кои се товарат за различни степени на тешки кривични дела, ќе се одложи закажаното вонредно излегување на избори, без кои (избори) тие удобно ги уживаат своите сегашни пратенички статуси, патни трошоци и имунитети, со мандат од уште изгледни 500 дена?!“- пишува Сашо Орданоски во утринската колумна Тешки маки апстинентски.
„И додека Америка, преку својата амбасадорка, собира парламентарни гласови за Законот за ЈО, Франција преку својот Тимоние праќа порака дека таа работа така не ја бива. Дека Законот за јавното обвинителство сепак не ќе оди без уцените на Мицкоски и дека без договор со француската дипломатија, есап без крчмар е трудот на високата американска дипломатка.“- како и разјаснување други дилеми, пишува од корнер Зоран Иванов во колумната Па и така овде правда никогаш и немало.
Дијана Тахири во соработка со Биљана Јордановска, Маја Ивановска, Дехран Муратов, Сашо Орданоски и Зоран Иванов