ВЕСТ НА ДЕНОТ Северна Македонија најбезбедна земја на Западен Балкан
Според истражувањето на Институтот за економија и мир, Северна Македонија го има петтото најголемо зголемување во состојбата за мир на Глобалниот индекс за мир во 2021 година, со 5,2 проценти подобрување на нејзиниот резултат. Земјата, какошто стои во извештајот, се искачи за 11 места на ранг -листата на Глобалниот индекс за мир и сега е рангирана на 40. место. Се нагласува дека зголемувањето на мирот во голема мера беше поттикнато од подобрувањата во доменот на тековните конфликти.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Царовска: Брзи тестови во училиштата не се препорачани од Комисијата, треба да се почитуваат протоколите
„Во моментов нема потреба за други мерки освен оние што се утврдени од Комисијата за заразни болести за да се заштитат учениците од КОВИД-19 во училиштата“, изјави министерката Мила Царовска во врска со донацијата на брзи тестови од Општина Илинден за КОВИД-дијагностицирање во трите основни и во средното општинско стручно училиште „Илинден“.
-Не станува збор за желби и можности, туку за препораки од здравствените власти. Ако Комисијата за заразни болести утврдила протокол и постапување, сметам дека сите општини и сите училишта треба да ги почитуваат. Ако тие не препорачале тестирање, значи дека тоа нема додатна вредност во даден момент. Доколку тие утврдиле дека има потреба, тогаш ќе го спроведеме во сите училишта, но во моментов останува да се почитуваат препораките што се дадени, а тоа е да има дезинфекција, мерење температура и проветрување на просториите“, изјави Царовска одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОПИС Државниот завод за статистика. информира дека заклучно со 20 часот вчера, попишани се вкупно 1.212.339 лица, 378.033 домаќинства и 516.787 станови.
ВАКЦИНИ Министерството за здравство соопшти дека денеска ќе пристигнат 110.612 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“, кои државава ги купила преку Ковакс механизмот.
ИМУНИЗАЦИЈА На пунктот на УКИМ за две недели вакцинирани околу 70 лица.
ЦИВИЛ
ЦИВИЛ организира дебата со дел од кандидатите за градоначалници на Општина Гевгелија на 23 септември, (четврток), во 11 часот во Домот на култура во Гевгелија.
На настанот ќе учествуваат кандидатите за градоначалник Сашо Поцков (СДСМ), и Виктор Петков (коалиција ЛДП-ДОМ).
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструкции, блокади и кочења на важни законски измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека пратениците од мнозинството се тие кои што ја опструираат работата на Комисиите преку цензура на пратениците од опозицијата.
Алијанса за Албанците ги повикаа албанските гласачи во општина Брвеница да ги подржат, бидејќи тие се откажаа од кандидатите во Кичево и Чашка, заради кандидатот на ДУИ.
Од Шанса за Центар сметаат дека Совет составен од неполитички ангажирани граѓани кои ќе делуваат во корист на жителите и ќе ја разбијат концентрираната моќ на градоначалникот.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
Во тек е повикот за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Заинтересираните можат да се пријавуваат по пат на едноставна онлајн апликација до 30 септември. На медиумската платформа на организацијата достапни се и одговори на најчесто поставуваните прашања. Во овој период се спроведува и долгорочен изборен мониторинг, кој беше интензивиран од 15 август.
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
МУЛТИКУЛТУРА
Раванска: Ние како општество сè уште не можеме да ја препознаеме дискриминацијата
„Нашите продавачи не ни препознаваат дека се дискриминирани. Ние дознаваме од нив преку разговор дека всушност на некој начин се дискриминирани. Ние како општество сè уште не можеме да ја препознаеме дискриминацијата“, изјави Маја Раванска, одговорна уредничка во уличното списание „Лице в лице“, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Преку почитување на различностите до справување со дискриминацијата“.
Нухиу: Повеќе работи нè спојуваат отколку што нè разделуваат
„Нè спојува државата, битката против корупцијата, борбата за подобар живот, отколку да се занимаваме кој од која националност е, каква боја на кожа има, каква сексуална ориентација има и друго… Ние треба да бидеме сите исти пред законот, пред институциите и сите да добиваме исти услуги. Различностите се најубавото нешто во нашето општество“, рече меѓу другото активистот Гуѕим Нухиу на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема, „Преку почитување на различностите до справување со дискриминацијата“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Овој дуел ме потсети на еден друга дебата за време на претседателската кампања во октомври 1994 година: од едната страна крутиот, смирен, со долга комунистичка функционерска биографија, државничкиот „гигант“ Киро Глигоров; наспроти интелигентниот, жовијален, со долга интелектуална биографија во комунизмот, режисерот Љубиша Георгиевски… Георгиевски, неоптоварен од потребата за коректност, па дури и елементарно домашно воспитување – со спомнување на политички и приватни биографски детали за Глигоров кои и во ерата на денешниве социјални медиуми би звучеле непристојно – го направи Глигоров „партали“ во нивниот единствен радиски дуел, до таа мера што искрено скандализираниот Глигоров потоа одби да се појави на следниот, телевизиски предизборен дуел. (Патем, Георгиевски си го доби својот дел од времето на „дуелот“ на МТВ, со празно столче на местото на Глигоров…)
По тој вид на дебата, изборниот резултат беше 78,4% освоени гласови за Глигоров, наспроти 21,6% за Георгиевски.“, Сашо Орданоски во колумната „Има разлика: Заев фрла ѓуле, Мицкоски вози стипл-чез“
Д. Тахири












