ЦИВИЛ денеска одржа панел дискусијата на тема „Деполитизација на училиштата“,како дел од проектот Европски перспективи. На панелот се дискутираше за штетноста на повеќе од видливата политизација на образовниот кадар во училиштата, во основното и средното образование во земјава.Со свои дискусии на панелот учествуваа проф. д-р. Јасна Бачовска, проф. д-р. Катерина Колозова, проф. д-р. Мирјана Најчевска и Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Дерала: Потребна ни е денацификација на образованието и општествениот дискурс
„Би сакал да внесам една историска паралела, која за жал, ден денеска ја памтат некои од нашите највозрасни граѓанки и граѓани, а тоа е „наци“ времето. Во времето на нацизмот, секој наставник морал да се приклучи на таканаречената лига на учителите, на национал-социјализмот, и потоа се приклучувале на партијата. Меѓутоа, има две скалила, каде што, ако сте сакале да бидете наставник, вие сте морале да припаѓате на таа лига, на национал-социјалистички наставници. А преку таа лига, која работела под налог на партијата на нацистите во тоа време, директно влијаеле на учениците, од нивните најмали нозе па се до универзитетските нивоа. И тоа е една политичко идеолошка индоктринација која била толку систематска, толку строга, толку забетонирана, што навистина ретко кој може и да го замисли тоа. Идентично се работело и во времето на сталинизмот, многу помеко тоа се гледа во југословенската федерација, но сепак таа индоктринација била присутна.
Гледаме дека во најновиот период на македонската историја имавме сличен таков период во времето од 2006 – 2016 во нашата земја, во која едноставно, од она што е познато, знаеме еден рапиден скок на зачленувањето на наставниот кадар во тогашната владејачка партија. Едноставно, не можете да се вработите ако не станете член на политичката партија на власт“, посочи Дерала меѓу другото на денешниот панел „Деполитизација на училиштата“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОПИС Со цел никој да не биде пропуштен во пописот, Државниот завод за статистика (ДЗС) од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност, соопшти на денешната прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од ДЗС. Заклучно со 20 часот вчера, попишани се вкупно 1.383.434 лица, 431.573 домаќинства и 595.754 станови, објави денеска Државниот завод за статистика.
ИНТЕГРАЦИИ Доколку Европската Унија сака поголема стабилност во своето соседство, тогаш потребна е кредибилна европска перспектива за Западен Балкан, заснована на систем на заслуги. Таа перспектива ризикува да стане заморна и неатрактивна за нас како земји кандидати доколку потфрли и не ги испочитува темелните вредности врз кои е градена Унијата кои во прв план го ставаат просперитетот, мирот и безбедноста на сите граѓани на континентот. Ова го истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање на 10-ти Состанок на спикери на парламенти од земјите од Југоисточна Европа за проширувањето.
ЗЕЛЕНИ Додека светот сосема ги исфрла од употреба пластиката за еднократна употреба и кесите, во земјава сè уште се дискутира за нивното поскапување во маркетите и дали тоа е решение или не за намалување на отпадот. Екологистите деновиве го критикуваа пакетот од шест закони за отпад што се донесе во последните два месеци и велат дека во 2021 година е срамно во земјава да нема развиен систем за селекција на отпад. Граѓанските организации ги прозиваат и општините и сметаат дека бадијала ни се и најдобрите закони, доколку локалните самоуправи не преземат одговорност за нивна имплементација.
ОБВИНИТЕЛСТВО Настаните поврзани со претстојните локални избори, закажани за 17 октомври 2021 година, се од општ интерес на јавноста. Оттука, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Одлука за формирање привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите, соопшти ЈОРСМ.
ФОРУМ Собранието останува на реформскиот курс и продолжува фокусирано да работи на стратешката цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија, рече во своето обраќање денеска потпретседателот на законодавниот дом, Горан Мисовски на македонско-германскиот форум „30 години независност на Северна Македонија – Улогата на Собранието во демократијата”.
ГРАЃАНСКИ АНГАЖМАН Цивика мобилитас по четврти пат организира „Ден на граѓанските организации“ што ќе се одржи во сабота, на 25 септември 2021 година, од 10 до 15 часот во Градскиот парк кај „Школка“, во Скопје.„Официјалното отворање на настанот ќе биде во 12 часот кога на присутните ќе им се обрати нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада, Амбасадорка на Швајцарија во Македонија.
Главната тема за годинашниот фестивал е „30 години граѓански ангажман“. Со ова, Фестивалот на Цивика мобилитас се приклучи кон одбележувањето и прославата на 30 години независност на Македонија.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
По претставниците од политичките партии, денеска и самите кандидати за градоначалници потпишаа Kодекс за демократски и фер избори.
Управата за финансиска полиција до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против пет физички и три правни лица за злоупотреба на службената положба и перење пари во општина Петровец. Меѓу пријавените е и актуелниот градоначалник и кандидат Борче Митевски, од ВМРО-ДПМНЕ.
Демократската Унија за Интеграција ќе продолжи силно да се посвети на унапредување на децентрализацијата на власта од централно на локално ниво, особено во однос на децентрализацијата и фискалната консолидација, изјави Фатмир Бесими на прес-конференција на ДУИ. Всушност, ова што денес го презентираше Бесими во име на ДУИ, пред два дена исто така го презентираше во име на Владата како министер за финансии.
ИНТЕРВЈУ
Запрашан за состојбата со животниот стандард и критиките на опозицијата дека тој паѓа, заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски, во интервјуто за Цивил Прес студио потенцираше дека еден од показателите за животниот стандард е и потрошувачката кошница и односот со минималната плата, бидејќи тука, како што посочи тој, се гледа каков е стандардот на најниско платените во едно општество и најранливите.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
Во тек е повикот за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Заинтересираните можат да се пријавуваат по пат на едноставна онлајн апликација до 30 септември. На медиумската платформа на организацијата достапни се и одговори на најчесто поставуваните прашања. Во овој период се спроведува и долгорочен изборен мониторинг, кој беше интензивиран од 15 август.
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
СЛОБОДНА ЗОНА
Патем, бидејќи самата „ерменска афера“ се случува или вклучува разни држави (бегања, апсења, државјанства, поминувања граници итн.), којзнае колку странски служби во моментов (легитимно) ја следат целата компликација, со надеж дека и тие ќе ги авансираат своите интереси во целата оваа балканска „каша-попара“.
А, од сето она што до сега се знае, се чини дека државата, иако ја пропушти шансата навремено и точно да ја информира јавноста за оваа голема непријатност, може дури и сега да излезе со квалификуван став и точна хронологија на настаните, бидејќи не може да се заклучи, од она што се знае, дека самата држава е замешана во аферата од Ерменија.
Според тоа, кому и зошто му одговара во сегашната власт за овој настан да се „тркалаат“ шпекулации, нагаѓања и „ишкање на мувата“ од сечија „капа“?, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Ерменско-македонската каша-попара продолжува”
Д. Мишев












