Изјавата на Владимир Путин од 27 февруари да ги доведе силите за одвраќање, вклучително и нуклеарните сили, во „специјален режим“ укажува на неуспехот на Русија да оствари блицкриг против Украина, рече на денешниот брифинг украинската амбасадорка, Н.Е. Наталија Задорожњук.
Русија сама не се справува со Украина, поради што Белорусија се вклучи во војната со нашата држава.
Проценетите загуби на непријателот утрото на 1 март изнесуваат: 5710 лица, повеќе од 200 заробеници.
Значително се засилени ракетно-артилериските напади врз цивилни објекти (станбени згради, училишта, породилишта), употребата на диверзантски групи кои влегуваат во украинските градови и села, облечени во украински воени или полициски униформи.
Има кршење на законите за водење на војна. Рускиот режим користи забранети касетни и вакуумни бомби. Овие злосторства против човештвото ќе ги истражува Меѓународниот суд на правдата.
Украина не е сама. Со Украина е целиот демократски свет, посочи амбасадорката.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Украина треба да стане членка на ЕУ. Германија ја запре сертификацијата на гасоводот Северен тек 2, одлучи да и достави сериозно оружје на Украина.
Турција донесе одлука да го затвори Црноморскиот теснец за воени бродови на Русија.
Приклучувањето на традиционално неутрална Швајцарија кон санкциите на ЕУ против Русија е многу важно.
Антипутинската коалиција води целосна економска и финансиска војна со Русија, максимално помагајќи ѝ на Украина за уривање на рускиот режим.
Како резултат на западните санкции, рубљата падна на историски најниско ниво, сите аеродроми во Европа и не само во Европа се затворени за Русите.
Граѓаните на Русија не сакаат да го запрат своето лудо раководство кога бомби паѓаат врз мирните Украинци, кога се пукаат луѓе од тенкови, кога нивните ракети убиваат украински деца, можеби сега, кога се соочуваат со секојдневни проблеми поради изолацијата на Русија и поради големиот број загинати руски војници ќе почнат поактивно да излегуваат на улица и ќе го запрат своето лудо раководство.
Европа и светот исто така водат активна контрапропаганда на лажната руска пропаганда. Руските канали кои шират дезинформација, РТ и Спутник, масовно се затвораат во Европа.
Во Чешка, Обвинителството веќе ги покренува првите кривични случаи против приврзаниците на Кремљ според членот за одобрување и пропаганда на геноцид и блокираа 8 пропагандни веб страни.
Дури и во Северна Македонија, гледаме значителни промени во покривањето на настаните, при што сè помалку медиуми користат информации од руски пропагандни извори, посочи Задорожњук.
Што се однесува до Украина. Колку повеќе непријателот не убива, толку духот на Украинците станува посилен. Според последните анкети, 70% се уверени дека Украина ќе успее да го одврати нападот на руските окупатори. 91% од Украинците ги поддржуваат постапките на Претседателот Зеленски.
Русите не разбираат дека таков отворен, одвратен и нехуман напад само ги обедини сите Украинци, а злосторствата против човештвото не сеат паника, туку гнев и лутина.
Повеќе од сто илјади се пријавија како доброволци, има огромни редици за дарување крв. Обичните луѓе ги донираат своите заштеди за финансиски да помогнат во одбрана на својата земја. Историски бран на патриотски подем ја зафати Украина.
Путин погрешно пресмета, тој објави војна на повеќе од 40 милиони патриотска нација.
Ние се бориме и ќе се бориме за нашата слобода, потенцира амбасадорката.
Секој кој е подготвен да и даде реална поддршка на Украина може да се обрати во Амбасадата за конкретни информации.
Исто така, би сакала да им се заблагодарам на сите официјални претставници на Северна Македонија, градоначалниците, политичките партии, јавните организации, повеќето медиуми и обичните граѓани за нивната многу силна поддршка на Украина. Заедно ќе победиме, истакна украинската амбасадорка Задорожњук.