Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има уште една недела за преговори за составување на новата влада. Досега Никола Груевски имаше една официјална средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по која двете партии само соопштија дека лидерите размениле мислења за актуелната политичка ситуација по изборите.
Досега, ниту од ВМРО ДПМНЕ, ниту од ДУИ, нема доволно информации за текот на преговорите. ДУИ како основа за коалицирање ја поставува Платформата која, по разговорите со премиерот на Албанија, Еди Рама, ја потпишаа со Беса и Алијансата за Албанците.
ВМРО ДПМНЕ, пак, излезе со јасен став дека неколку од точките од Платформата, како двојазичноста и продолжувањето на мандатот, се неприфатливи за нив.
Во меѓувреме, претседателот на ДУИ, Али Ахмети оствари средба и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на која начелно било разговарано за ставовите што ги застапуваат двете партии.
Вчера портпаролот на ДУИ, , Бујар Османи, во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски јазик, излезе со изјава дека при формирањето нова влада треба да се почитува принципот „победник во македонскиот со победник во албанскиот блок“.
„Мислам дека тоа што доминира на сцената е почитување на потпишаните договори. Македонија во минатото постоела како таква, само почитувајќи ги меѓународните договори. Еден од нив е ‘Мајскиот договор’ од 2007 година, во кој се вели дека победникот кај албанската заедница го избира партнерот – победник кај македонската заедница. Почитувањето на овој принцип е многу важен, за да се зачува важноста што ја има албанската заедница и за да се зачува логиката која ја имаат изборите кај самите Албанци“, рече Османи, кој во интервјуто ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.