Всушност, се очекуваше на овие европски парламентарни избори да имаме видливо зголемување на десницата низ Европа, но она што се стравуваше е дека ќе доминираат екстремно десничарските партии, изјави за ЦИВИЛ првиот човек на Евроатлантскиот совет и познавач на состојбите, Исмет Рамадани.
Тој вели дека доброто во сето ова е што победиле десничарските конзервативни партии кои се блиски до центарот, додека социјалдемократите и либералите сепак ќе бидат мнозинство во следниот Европски парламент, на овој начин и ќе ги изберат институциите.
За тоа колку победата на европските десничарски партии ќе влијае на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија, Рамадани вели дека ќе има континуиран притисок и барања земјата да ги исполни обврските што произлегуваат од францускиот предлог, а тоа се уставните измени.
Дури, како што вели Рамадани, сега тоа ќе го прават со поголем и директен кредибилитет бидејќи ВМРО-ДПМНЕ припаѓа на групацијата на европските конзервативни народни партии ЕПП.
„ВМРО – ДПМНЕ, како конзервативна десничарска партија, не може да го избегне ова барање и да бара алиби во другите опции, бидејќи во крајна линија, за да останат како членка и во дискурс со овие конзервативни партии или ЕПП, мора и да го пренесат нивниот начин и барања и мислам дека тоа ќе влијае да се забрза да се најде некое споредно алиби, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ било каква гаранција и таа гаранција ќе биде декларативна и нема да биде во никакво посебно писмо или со нешто што може да ја промени рамката на преговори со Европската Унија. Исто така, оваа групација на конзервативни партии треба да внимава ВМРО-ДПМНЕ да не се придвижи кон екстремната десница“, рече меѓу другото Рамадани.
Назми Абдурахмани