ДРАГАН МИШЕВ
Секогаш кога на некој медиум ќе се појави Александар Пандов, некако почнуваат да ме лазат морници. Дух ли е, холограм ли е, воскресна ли, жив ли е? Та нели самиот тој, далечната 2017 година еуфорично тврдеше во емисија кај Јанко Јади Бурек:
Само преку мене мртов они ќе влезат во Собрание и ќе прават влада, тоа да му е јасно и на Заев и на сите Ал-бан-ци. Значи само преку мене мртов.
И би Влада на Заев. А Пандов?
Веднаш ми се појавува една слика на дотичниот со бели крилца, па си помислувам: Да не е ангел?
Но не, гледам има Пандов потоа и повеќе други „cosplay“* настапи: Комита, моторџија, член на рзаноразни патриотски збирови, бранител на „уставобранителите“ (само додека беше во опозција), па директор на патриотски институт по вмровска историја, директор на Управата за извршување на санкции…значи се посипал со пепел, како и многу пати досега. Исто како кога јавно се откажа од ВМРО-ДПМНЕ и изјави дека нема да го ажурира своето членство во партијата и фрлаше со дрвја и камења по Мицкоски, индиректно нарекувајќи го „предавник и слуга на меџународна“, и сегашната претседателка ја нарекуваше„Гога Сорос“.
Ама, образ ѓон. Си го свикта опавчето, оп чергичето и малку коленичење пред шефот, онака, макијавелистички, целта ги оправдува средствата, и се дофати до некаква функција. Па и не само он, си го ухлеби и синчето на државна функција, како владин советник за млади на премиерот Мицкоски.
И сега му ја запалиле куќата, односно викендичката, некористена некој период, стоела така, за секој случај, да се најде.. покрај пријавените според анкетен лист до ДКСК и куќа во Кисела Вода, заедно со таа во Зелениково со вкупна вредност од 70 милиони денари или скоро 1,2 милиони евра, но и станбена зграда во Кисела Вода, вредна 20 милиони денари, како и дека поседува една шестина од друга зграда исто во Кисела Вода. Има се, може се.
И тука морам да се сложам со изјавата на Пандов дека „ова е цената за удирањето по мафијата! Домот ми беше запален, и имам основано сомневање дека станува збор за смислен атак на криминалците!“
Е да, точно е, си знаеш ти, една од главние одлики на криминалците и мафијашите се меѓусебните пресметки. Кој да биде поблиску до капото, кој да заземе повисока позиција, кој да запосли повеќе роднини, сватови, пријатели…
* „Сosplay“ (Косплеј), мешавина од зборот „игра со костуми“, е активност и перформанс уметност во која учесниците наречени косплејери носат костими и модни додатоци за да претстават специфичен лик.