Уставниот суд информира дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, потпишан од министрите Генчовска и Османи донесен на 17.07.2022 година во Софија, во времето кога беше договорен таканаречениот „француски предлог“.
Подносител на иницијативата донесена пред 3 години е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која бара поништување на Протоколот и тврди дека е прекршен Уставот, има несоодветна форма и содржина и дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава. Истовремено наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај. Дополнително, таа тврди дека е Протоколот е во спротивност со членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори бидејќи не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување, стои во наводите на иницијативата.
Според уредникот на редакцијата за надворешна политика на бугарската агенција БГНЕС, Димитар Русков, зад ова стои македонскиот премиер Мицкоски кој се прикрива зад „енергичната помош на поранешната пратеничка Лилјана Поповска – сојузник на неговиот политички татко Никола Груевски во минатото и ќерка на патријархот на модерниот Македонизам Блаже Ристовски“.
Уредникот на БГНЕС во едиторијалот ова го оценува како кампања за прикривање на офанзивата против Преговорачката рамка со Европската Унија и против Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година со двата протоколи што произлегоа од него, а одлуката на судот за само неколку дена за да отвори постапка за разгледување на жалбата како доказ дека политичкиот естаблишмент стои зад поднесувачот Лилјана Поповска.
Уредникот потсетува дека во 1992 година, Бугарија стана безусловен гарант за независна Македонија, и заклучува дека, како што го нарекува – режимот на Христијан Мицкоски – со брзина и со политика – ја оддалечува Република Северна Македонија од Европската Унија, единствениот гарант за нејзиниот опстанок надвор од рамките на југословенскиот шаблон и цврстата контрола на Белград.
Драган Мишев