Со 62 гласа „за“ од вкупно 111 пратенци во Собранието, синоќа осум минути пред полноќ, беше избрана новата Влада на Република Македонија. По единаесет години владеење на Никола Груевски и на неговите соработниц, од ноќеска и официјално, ВМРО-ДПМНЕ заминува во опозиција.
Премиерот и министрите веднаш по изборот дадоа заклетва со која се обврзаа дека функцијата ќе ја вршат совесно и одговорно и дека ќе ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го констатираше престанокот на мандатот на членовите од претходниот владин состав.
По положената заклетва, во својата прва изјава како премиер, Зоран Заев ја честиташе новата Влада и порача дека за реформските процеси ќе бара поддршка од сите.
„Дозволете од мое име и од име на целиот кабинет да ја честитам новата реформска влада, да го вратиме животот во Македонија. Верувам дека сите заедно ќе работиме за Македонија и за сите граѓани. Среќно Македонијо!“, изјави премиерот Заев.
Поранешниот премиер, Никола Груевски, ги избегна камерите и не даде изјава на новинарите по изборот на новата Влада. На неговото последно обраќање од говорницата, пред изгласувањето, рече дека „времето ќе покаже кој бил во право“.
Пред Собрането , група поддржувачи на СДСМ и граѓанки и граѓани кои изминатата година беа дел од Шарената револуција, ги пречекаа новите министри и премиерот со извиците: „Победа, победа!“ и „Шутка не ти бега, Никола!“.