Пишува: Сашо Орданоски
[dropcap]С[/dropcap]еднал Мијалков во Мериот и повикувал еден по еден пратеник од партискиот конгрес во Валандово, за да ги убедува да гласаат за Христијан Мицковски. Аргументите за тие убедувања не ми се до крај познати, но лесно може да се претпостави дека прочуената строга веѓа се дигала и се спуштала многу пати во разговорот, особено во деловите во кои им цитирал детали од персоналните досиеја и кога алудирал дека „еден ден, кога ќе се вратиме на власт…“
Дечки, не знам многу, ама ова ви го гарантирам: таа екипа на власт може да се врати само ако Македонија ја погоди метеор од планетата Мики Маус, од далечното соѕвездие Шио-ми-га-Ѓуро, во галаксијата Маа Ки Дунија!
Сепак, и од тоа има некакво фајде, оти бројот на демократи и реформатори во ВМРО-ДПМНЕ наеднаш толку се зголеми, што партијата се стреми да експлодира на стотина составни делови, колку што имаат пратенички групи во Собранието.
Дури и на такви демократски тапчовци како Илија, Змејко, Трајко или Антонијо конечно им дојде од газот во главата, па во „пет до дванаесет“ пишуваат очајнички писма до партиското членство за спас на… сопствените кариери.
До вчера не сакаа да слушнат за вистинските реформатори кои со месеци ги убедуваат токму тоа: да се смени партискиот Статут, за изборот на новиот претседател да биде фер и демократски, партијата да го сочува единството и да се врати на евро-атлантските вредности; а сега, кога Грујо и нив ги извиси, ги препишаа барањата од платформата на реформаторите и, одеднаш, вдахновено бараат 5.000 делегати плебисцитарно да го бирале новиот претседател на партијата – патем, барем третина од потпишаните мислам дека нема да го дочекаат на слобода февруарскиот датум што го предлагаат за нов конгресен собир.
Всушност, тоа мислам дека им е и главната причина што се против Мицковски: се плашат дека Фамилијата има направено некаков договор за сопствен спас, а тие не се влезени во него! Мицковски, кого, инаку, под команда на Фамилијата, едногласно и без да бекнат завчера си го избраа за генерален секретар, а од вчера им изгледа како опасен аутсајдер кој нема обврска кон никого специјално (освен кон Фамилијата, иако и тоа ми личи на сметка без крчмар). Тоа го прави непредвидлив и неконтролабилен, а личи на опасно амбициозен, со компетентно техничко образование. Рецепт за катастрофа!
Врвното раководството им е во граѓанска војна. Колективните партиски тела се во претсмртно бунило. Пропагандната машинерија им се распадна. Криминалниот капацитет е, главно, разбиен, уапсен или разбеган. Активистите се деморализирани. Широката клиентела постепено ги заборава. Меѓународната поддршка се сведе на другар им Орбан и ретки, сожалителни потчукнувања по рамо. Персонално, имаат десетици милионери, но паричките сега се кријат по тајни џебови и под душеци, не верувам дека некој дава донации за партијата…
Ситуацијата, значи, е срцедрапателна. СЈО тукушто ги „поздрави“ со десетина нови обвиненија, а до Нова Година има уште цели седум работни дена! Како што тргнало, ќе мора да се увезат адвокати од странство, за да има кој да ги застапува и брани…
Со други зборови, во најдобар случај, кога ќе го одржуваат конгресот нема да дојде до употреба на огнено оружје. Во најлош случај, ќе го изберат Мицковски за нов претседател.
Преземањето на оваа содржина е дозволено само по 12 часот, на денот на објавувањето. Потоа, важат вообичаените правила според лиценцата Creative Commons 1.0.