„За мене не постои национализам и патриотизам, за мене и едното и другото е лудост. На тие работи најчесто наседнуваат луѓе што се наивни, оние од другата страна на железната завеса. Меѓутоа, планерите и управителите се тие кои што диктираат како им одговара за да си ги остварат целите, дали се политички или економски, јасно е тоа како ден“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, теологот Хусеин Адеми, одговарајќи на прашањето – што за него претставува национализам или патриотизам.
Тој потенцира дека како теолог, на национализмот гледа како на деструктивна појава која на човекот му го ограничува видикот, размислувањето, менталитетот… и по инерција го води кон тоа на „поинаквиот“ да му нанесе неправда или насилие, едноставно да доминира врз него.
„Зошто? За да си ги оствари своите цели, и воопшто не му е грижа за тој „поинаквиот“ кој не го зборува неговиот јазик, или не ги познава неговите традиции, или не ги почитува неговите обичаи… Како ти сега да имаш и да градиш некаково чувство на патриотизам, да чувствуваш некаква лојалност или љубов кон земјава кога знаеш дека целава оваа работа е узурпирана од личности кои воопшто не водат сметка како ќе се одвиваат работите и каква иднина ќе им оставиме на нашите деца“, додава Адеми.
Адеми вели дека како свештено лице се води според објавата во Куранот – „О луѓе јас ве создадов од еден маж и од една жена, ве поделив на народи и на заедници за да се запознавате“.
„За да се запознаваме, тоа значи дека треба да соработуваме заедно, меѓутоа со некаков национализам или патриотизам сето тоа паѓа во вода, и луѓето ги губат сите морални вредности и не се во состојба да се запознаваат едни со други, а камоли да соработуваат. Прашањето е што ќе правиме ние со ваков менталитет и што им оставаме на идните генерации?“, додава тој.
Адеми вели дека за да се намали национализмот мора да почне да се организираат дебати, меѓутоа не од политичари бидејќи тие дебати се осудени на пропаст. Кај нас е потребно да има дебати од професори, академски граѓани, политички аналитичари, интелектуалци… Луѓе кои имаат докажано демократско ниво кои се грижат за хармонијата и демократските вредности.
„Потребни се дебати на темите национализам и религија, бидејќи неретко тој национализам има поткрепа во религијата, не како учење, туку од страна на некои свештени лица кои во соработка со некои политички структури сакаат да го искористат моментот и да предизвикаат национална омраза и по одредено време да се правдаат со религијата. Потребно е ИВЗ и МПЦ да организираат заедничка дебата и да им остапат простор на интелектуалците и едноставно да се разговара за тие теми, оти само така ќе се дојде до решение“, истакна Адеми.
Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска
Текстот е дел од проектот „Патриотизам ДА, национализам НЕ!“ што го спроведува ЦИВИЛ со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на ЦИВИЛ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.