ЏАБИР ДЕРАЛА
Да ѕирнеме зад редакциските кулиси, да дознаеме кој е одговорен за тоа што го читаме и гледаме во нашите медиуми. Што читаме и зошто го читаме тоа? Што треба, а не е, работа на уредниците и медиумите воопшто? Кои се вредностите, ако ги има? Кој кого (не) следи? Еве неколку белешки за овие прашања.
Според моето скромно искуство, повеќе како добар посматрач и не којзнае колку добар практичар, функцијата на уредникот е да го предводи уредувачкиот колегиум, авторската и новинарската екипа. Не само со идеи и насоки, туку и со работа и личен пример. Познавам неколку такви уредници, а имав и среќа да бидам дел од тимовите на некои од нив. За другите знам од раскажувања или од познанство со нив.
Како да возите болид со полна брзина
Уредникот е одговорен (и според законот) за содржините во медиумските платформи што ги води. Грешките на новинарската екипа се (и) негови. Тој е одговорен и за креирањето на концептот и уредувачката политика на тие медиумски платформи. Се разбира, идеално е кога тој успева да оствари блиска соработка со уредувачкиот колегиум, новинар(к)ите и соработничкиот тим.
Тоа не е едноставна позиција, ни оддалеку. Уредниците секојдневно се соочуваат со безброј прашања и мораат да носат голем број одлуки за изборот и изгледот на содржините. Мора постојано да водат сметка да не ги напуштат постулатите на уредувачката концепција и политика.
Работата во медиумите е како да возите болид со полна брзина, низ лавиринт исполнет со разни препреки. Оваа споредба може да се направи и во низа други сфери на животот, но секако важи за работата во медиумите и тоа не само за уредниците, туку за секој што учествува во медиумската продукција.
Медиумите не се огласни табли
За жал, медиумите и сите што се во нив, често ја забораваат својата основна функција, а тоа е да ја информираат својата публика и пошироката јавност. Не да бидат огласни табли, туку да ја информираат. (За тоа сакам во посебна прилика да споделам неколку искуства и размислувања.)
Уредувачката политика на еден медиум би требало (според мене и мора) да биде јасна и да ги отсликува вредностите и концептот за кои се залага новинарскиот колектив што е потпишан во импресумот. Да, импресум е задолжителен. Ако тоа го нема, тогаш најмалку што може да се каже за тој медиум е дека се работи за огласна табла. Или за сомнителна операција.
Сѐ е политика
Ако новинарскиот колектив споделува исти или слични ставови и вредности поврзани со политички идеи, правци или платформи, не значи дека е партиски определен, туку дека има јасни политички ставови и идеи за развојот на општеството. Политичките партии се ентитети што артикулираат и застапуваат одредени вредности, исто како и тие што немаат врска со тие партии. Тие се формираат исто како и граѓанските иницијативи и организации.
Разликата е, меѓу другото, и во тоа што едните (партиите, ако е потребно да се нагласи) се борат за власт, а другите се платформи за различни видови на граѓанско учество во креирањето на политиките и практиките. Или, едноставно, тоа се групи за споделување искуства и знаења за теми што може да се и целосно надвор од политиката (љубители на астрономијата, на пример). Иако некои точно ќе забележат дека сѐ е политика или сѐ може да се доведе во релација со политиката, па и астрономските друштва.
Како? Па замислете на власт да ви дојде оној некогашниот спортски новинар кој своевремено почна да се занимава со државно субвенционирано сточарство. Тој верува, на пример, дека Земјата е рамна. На страна тоа што е идеолошки следбеник на познати диктаторчиња и диктатори. Како ќе изгледа астрономијата во такви услови?
Кој од што да се ослободи?
Еден мој драг пријател, извонреден интелектуалец и главен уредник во еден од моите најомилени македонски медиуми, во еден разговор неодамна ми рече: „Треба да се ослободиме од тој баласт дека сме про-СДСМ.“
Не се согласив со него. Обратно е. Потребно е да се ослободи токму општеството од тој баласт – уверувањето дека единствено политичките партии владеат со сѐ што е важно во едно општество, особено со идеите. Општеството ни е партизирано до таа мера што секоја изјава, текст или постапка се гледа низ призмата на политичките партии – дека тоа е став на една или друга партија. Од тоа мора да се ослободиме!
Лажен баланс, whataboutism, пропаганда, дезинформации
Мораме да се ослободиме и од лажниот баланс. Никаде не води таа континуирана релативизација во јавната комуникација. Техниката со која се одговара на обвинение или тешко прашање со контраобвинение или покренување сосема различно прашање whataboutism, стана модел на вообичаено однесување на голем број политичари, јавни личности и креатори на јавното мислење. Терминот, чина, дека не е преведен на македонски сѐ уште, но сесрдно се користи како пракса.
Мораме конечно да започнеме сериозно да се занимаваме и со пропагандните техники од времето на Советскиот Сојуз што се супер актуелни во денешно време. Крајно време е да разбереме дека наша обврска е да се справуваме со дезинформации, а не да ги пренесуваме (објавуваме).
Ако не е веќе доцна. А доцна е. Можеби предоцна.
Вредностите…
Во средиштето на нашата работа и функцијата (работата) што ја извршуваме во јавноста и општеството, се наоѓаат вредностите. Ние сме повикани да ги застапуваме вредностите во кои веруваме, истовремено со главната задача на медиумите – да информираме.
Ако тргнеме само да ги редиме агенциските вести онака како што пристигнуваат, нашата функција се губи. Ние имаме обврска да им пружиме на луѓето вести и содржини на тој начин што тие ќе добијат доволно материјал, за тие да можат да донесат информирани одлуки.
Ако им ги пренесеме изјавите на политичарите што сакаат да дојдат на власт по секоја цена, најчесто на штета на граѓан(к)ите и државата, наша обврска е и да ги најдеме фактите со кои ќе докажеме дека тие лажат.
Ако се залагаме за прогресивно општество, европски и/или зелени вредности, за мултикултурализам и за интеграција со западните асоцијации на држави, а во земјата постојат и дејствуваат политички ентитети во истата насока, зошто тоа би значело дека сме и нивни приврзаници и поддржувачи.
Зошто не би било обратно?
Или, како што е најсоодветно – зошто не би значело дека идеите, концептите, политиките и практиките се артикулираат на најразлични начини, како во општествените текови во кои спаѓаат и медиумите и невладините организации, така и во организирањето на групи на граѓани кои формираат политички партии.
Не е толку едноставно како што е опишано овде, но суштината е таа.
ПС. Инспирирано од прекрасните разговори со Мирослав Јовановиќ, Слободен печат.