Минатонеделниот мировен план од 28 точки, изготвен од Русија и САД во кој се наведува предложен крај на целосната руска инвазија врз Украина, предизвика неизвесност, особено кај Европејците кои не се вклучени во процесот.
Едно од главните прашања во овој момент е дали Европа сѐ уште може да се потпре на системот базиран на правила што ја обликуваше нејзината безбедност со децении, со САД како нејзин заштитник, или пак ова ја отвори вратата за понатамошен руски притисок да го дестабилизира нејзиното непосредно соседство и остатокот од континентот.
На овогодинешната Берлинска конференција за слобода, Еуроњуз разговараше со пензионираниот генерал полковник Бен Хоџес, поранешен командант на американските сили во Европа.
Тој објасни зошто на Вашингтон му е потребна Европа и зошто поразот на Украина би имал негативни последици и за САД.
Еуроњуз: На кој начин евентуалната победа на Украина би била позитивна за САД?
Генерал Бен Хоџес: Европа е најголемиот трговски партнер на Америка. Американскиот просперитет зависи од европскиот просперитет. Европскиот просперитет зависи од стабилноста и безбедноста на Европа, кои се нарушени од оваа војна што ја започна Русија. Затоа победата во оваа војна против рускиот агресор е толку важна.
Дополнително, ако Русија не биде запрена во Украина и оваа војна продолжи на територија на НАТО, би можеле да се најдеме во вистински кинетички конфликт со Русија.
Одвраќањето на Кина, исто така, игра голема улога: Кинезите набљудуваат за да видат дали сме сериозни во однос на суверенитетот и меѓународното право и дали сме сигурен партнер.
Конечно, Русија ги одржува Иран и Северна Кореја. Ако сте загрижени за овие две земји, победата над Русија прво ги остава овие две дополнително изолирани, што ја намалува штетата што можат да ја направат на Израел или Јужна Кореја.
Еуроњуз: Кои се вашите мисли за тоа дали САД сѐ уште се сигурен партнер на НАТО?
Генерал Хоџес: Би рекол дека да. Но, мислам дека е жално што луѓето дури го поставуваат ова прашање затоа што администрацијата на Трамп создаде сомнеж дали САД би реагирале.
Тоа е проблемот: Русите би можеле да направат опасна погрешна проценка ако веруваат дека САД не сакаат да направат ништо повеќе од тоа да даваат изјави. Таа перцепција го зголемува ризикот од руско мешање.
Сега, како што гледам што администрацијата направила и кажала во текот на изминатите десет месеци, можете да видите дека приоритет број еден е западната хемисфера, Северна и Јужна Америка.
Вториот приоритет: Индо-пацифичкиот регион, иако тоа е главно во економска смисла.
Третиот приоритет веројатно ќе биде Блискиот Исток. Бидејќи администрацијата има главно трансакциски, а не засновано на вредности или традиционален вид чувство за стратегија и дипломатија, многу се сведува на добивање деловни договори.
Тоа значи дека Европа веројатно е на 4-то место во однос на приоритетите. Најверојатно ќе видите намалување на американското воено присуство тука, како што неодамна веќе објавија намалување на присуството на американските сили во Романија.
Еуроњуз: Дали очекувате да има намалување на трупите и во Германија?
Генерал Хоџес: Би рекол дека е речиси неизбежно, но не знам. Тие веќе многу зборуваа за тоа за време на првиот мандат на Трамп, но потоа, чудно, бројот на американските трупи трајно распоредени во Германија се зголеми во текот на неговиот прв мандат.
Сега, мислам, тие се порешени навистина да го сторат ова. Немаме многу во Европа, особено американските сили во Европа.
Она што армијата го има во Европа не е потребно во Пацификот, но може да се намали за да се ослободат пари и ресурси. Мислам дека американската армија во целина ќе се намали, а дел од тоа намалување ќе дојде од Европа.
Еуроњуз: Дали мислите дека ќе има и намалувања на воздухопловните бази, како што е Рамштајн?
Генерал Хоџес: Потенцијално. Но самиот Рамштајн е толку важен за сè што правиме, не само во Европа, туку и во Африка, Блискиот Исток.
Базите што нашите европски сојузници ни дозволуваат да ги имаме за морнарицата и воздухопловните сили се важни за нас.
Иако би можел да замислам некои, едноставно не е толку многу она што го имаме. Ако одземете нешто, одземате и способност.
Еуроњуз: Германија купува 35 борбени авиони Ф-35 од САД. Трамп претходно зборуваше за „kill switch“ во овие борбени авиони. Оваа карактеристика никогаш не беше потврдена, но дали тоа создава повеќе потенцијални ризици за Бундесверот?
Генерал Хоџес: Не постои такво нешто како „kill switch“. Она што претставува ранливост, сепак, се надградбите. Ф-35 е во основа летечки компјутер, што го прави толку посебен. Тоа се сите системи, поврзаноста и она што пилотот може да го постигне надвор од нашето традиционално разбирање за тоа што прави еден пилот на борбен авион.
И така, разбирливо, ако, од која било причина САД беа незадоволни од одредена земја што го имаше Ф-35, и Трамп речеше „повеќе не“, германската влада, британската влада, холандската и сите други што го добиваат или веќе оперираат со Ф-35 — Финска, Шведска — ќе се погрижеа да се заштитат за да спречат такво мешање. Мислам дека ова сценарио е исклучително малку веројатно.
Не велам дека е невозможно, но би бил многу скептичен дека администрацијата на Трамп би направила такво нешто, бидејќи тоа не е само политички лошо, туку и за бизнисот лошо.
Ако не нѐ сметаат за сигурни, тоа очигледно влијае и на бизнисот. Поради тие причини, мислам дека администрацијата на Трамп би била воздржана да преземе каква било акција што би можела да има такво влијание.
Еуроњуз: Германија наводно купува околу 80% од своето оружје од Европа и само мал процент од САД. Дали таквото поместување би можело да претставува ризик за трансатлантските односи?
Генерал Хоџес: Каде Германија – или било која држава –го купува своето оружје треба да се базира, пред сè, на она што му дава на Бундесверот најдобра способност.
Како што кажавте, околу 80% од она што Бундесверот ќе го има се произведува најмногу во Германија.
Но, има некои работи кои Германија сè уште не може – или не сака – да ги произведе. Земете го системот „Патриот“. Германија има многу добри способности за воздушна и ракетна одбрана, но во својата категорија, „Патриот“ е најдобар. Така што засега, тоа го сакате.
Истовремено, сите – вклучувајќи ги и САД – се стремат да ги намалат ранливостите. Во моментов сме многу ранливи поради кинеската контрола над ретките земјени материјали, на пример.
Значи, сакате да ги намалите тие ранливости и мислам дека министерството на Германија сака да го стори истото.
Еуроњуз: Како пензиониран воен офицер, како се чувствувате за тоа што некој како секретарот за одбрана Пит Хегсет ја води армијата, особено по неговиот говор каде ги критикуваше „woke“ политиките, различностите и физичката подготвеност на трупите?
Генерал Хоџес: Најважната работа што ја забележав од таа презентација беше тоа што навистина ми олесна кога ги видов тие стотици жени и мажи таму – овие многу високи офицери – како седат професионално, со почит и тивко.
Тие не дозволија тоа да се претвори во митинг, што го сакаа секретарот Хегсет, секретарот за одбрана, и претседателот Трамп. Тие седеа и слушаа, бидејќи ние многу сериозно ја сфаќаме нашата заклетва пред Уставот.
Ова не е само административна работа; тоа е нешто што навистина го цениме. Заклетвата е пред Уставот, а не пред претседателот, иако Член 2 од Уставот го именува претседателот за врховен командант. Заклетвата е за одбрана на самиот Устав.
Секако, тие се свесни дека секретарот Хегсет отпушти прилично многу – речиси повеќе од десет генерали и адмирали – без причина. Ова создава голем притисок врз високите офицери кои треба да ги извршуваат мисиите што им ги доделува Пентагон. Тие исто така знаат дека нивната уставна должност е да ги извршуваат законските наредби.
Еуроњуз: Дали мислите дека многумина од нив ќе го сторат тоа?
Генерал Хоџес: Па, еве што мислам дека се случува – или поточно, еве што знам дека треба да се случува – и уверен сум дека огромното мнозинство го прави ова: се обидувате да спречите лоши или незаконски наредби уште пред да излезат.
Многу работа се случува зад сцената кога секретарот ќе каже: „Ќе направиме ова, ова и ова“. Должност на претседателот на Здружениот штаб е да каже: „Господине секретар, не можеме да го направиме тоа “. И се обидувате таквата наредба воопшто да биде издадена.
Можеби ќе кажете: „Знам што сакате да постигнете. Еве начин да се постигне истиот ефект без да се направи нешто спротивно на законот или меѓународното право.“
Многу е тешко, ќе бидам искрен со вас. А администрацијата понекогаш изгледа како да е задоволна да прави што сака, без да го гледа ова како приоритет. Очигледниот пример што ми доаѓа на ум се таканаречените венецуелски бродови за дрога.
Потоа, тука е претседателот кој зборува за користење американски градови за обука. Тоа е проблем. Од друга страна, секретарот Хегсет се чини е решен да ги маргинализира жените. Тој не кажа директно „ќе ги отстраниме сите жени“, но постојано нагласуваше машки стандарди.
Американската армија е 20% женска од практични причини: прво, затоа што ни е потребна таа интелектуална сила, второ, затоа што нема доволно мажи кои сакаат да служат.
Ова не се работи за тоа да се биде „woke“, ова е практичност. Но неговиот пристап веројатно ќе ги обесхрабри талентираните млади жени да размислуваат за воена служба во следните четири или пет години. Ова се сериозни опасности.
М. Д.
Превод. Н. Цветковска











































