Сите бегалци кои беа сместени во транзитниот центар во Табановце, полицијата ноќеска, ненадејно и без образложение ги вратила во Грција, потврди за ЦИВИЛ Медиа, невладината организација „Легис“.
„Синоќа, околу 11 часот пред полноќ им било јавено на бегалците дека ќе бидат пренесени во Грција. Им бил даден краток рок да си ги спакуваат работите и заминале за Гевгелија. Моментално се на граничен премин кон Грција, се чека да се пушти границата со Македонија“, изјави Јасмин Реџепи во изјава за ЦИВИЛ Медиа.
Реџепи вели дека дел од нив побарале да бидат вратени во Грција. „Легис“ е во постојан контакт со нив и се проверуваат информациите дали некој од бегалците не сакал да замине или сакал да побара азил, и дали некој бегалец бил префрлен насилно. Според сознанијата на „Легис“, Македонија уште пред пет месеци побарала реадмисија – правна постапка за враќање на бегалците во земјата од каде што дошле, во случајов во Грција. Според нивните сознанија, Грците дури сега испратиле позитивен одговор.
Станува збор за 49 бегалци од Ирак и Сирија кои една година престојуваа во транзитниот центар во Табановце.
МВР сé уште не излезе со конкретни објаснувања, оттаму најавија дека наскоро ќе објаснат што се случува.
Во меѓувреме, повеќе десетина земји од Централна и Југоисточна Европа се согласија дека до крајот на април ќе претстават нов план за посилна воена и цивилна соработка, со цел да ги обезбедат своите граници во случај да пропадне договорот за мигрантите меѓу Европската унија и Турција.
Ваквиот став произлезе од заканите на Турција дека ќе ја прекине соработката, доколку се заладат односите со ЕУ. Договорот, постигнат пред речиси една година, го намали бројот на бегалците кои влегуваат во ЕУ, од Турција, преку Грција и Балканот.
Маја Ивановска