„Во парламентот беа нападнати оние кои се залагаат за европскиот процес!“, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во интервју за австрискиот весник „Стандард“, по повод крвавите настани во македонскиот парламент.
„Ќе биде неправедно сега да кажеме, со тоа заврши eвропската преспектива (на Македонија – н.з.). Напротив, се надевам дека случувањата ќе бидат аларм за будење. Доколку се повторат, тогаш ќе биде загрозена европската перспектива“, потенцираше Хан.
„Не очекував ваков напад врз Собранието, но нештата, за жал, некогаш тргнуваат и наопаку“, е одговорот на Хан на прашањето: „Дали очекувал дека националконзервативците ќе упаднат во парламентот?“ Сепак, според него,„доколку тоа создава впечаток дека земјата сега, автоматски, ќе биде исфрлена од процесот на придружување, одговорот е – не!“
„Со години постои јасна препорака од Комисијата дека треба да почнат преговори со земјата. Но, тоа не се оствари поради вето од две членки на ЕУ, Грција и Бугарија. Пред 10 години, Македонија беше земја за пример во регионот, во меѓувреме, се лизна. Од пред две години вложуваме многу напори, да ја вратиме земјата на европскиот пат. Тоа функционираше со изборите, но не и со составувањето на Влада, која е блокирана, затоа што парламентарното мнозинство не е признаено од долгогодишната владејачка партија“, изјави Хан, осврнувајќи се на можните санкции за Македонија, со оглед дека не е отворен процесот на преговори, туку Македонија има само кандидатски статус.
„Но, демократијата значи и промени: доколку демократскиот процес и натаму се попречува, ние нема да можеме да го одржиме нашето ветување за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, заклучува Хан во интервјуто за „Стандард“.