ДЕХРАН МУРАТОВ
Навивачите на бугарскиот клуб Левски уште не пристигнати на фудбалскиот натпревар меѓу Левски и Шкупи, веќе на социјалните мрежи почнаа да провоцираат дека ќе го запалеле македонското и албанското знаме на трибините на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје.
Но, покрај провокациите, тие и се закануваат дека околу 19 часот ќе дошле како што велат пред споменикот на „бугарскиот цар Самуел“ на плоштадот „Македонија“ и „ќе чекале“.
А кого „ќе чекале“ бугарските националисти облечени во хулигански маички кои веројатно (ќе) сакаат да предизвикаат етнички тензии кои ќе им одат во прилог само на бугарските (и на дел од македонските) политичари кои го кочат патот на Македонија кон Европската унија.
Бугарските навивачи својот национализмот и примитивизмот нека си ги остават на граница, кај нив дома, а во нашата држава ќе треба да влезат како цивилизирани граѓани кои живеат во 21 век, без предрасуди, без омраза, почитување на различностите…
Верувам дека македонската полиција ќе биде на висина на задачата и дека ќе обезбеди мир и безбедност за време на натпреварот, но и надвор од фудбалскиот терен, хулиганите да немаат простор да предизвикаат било какви инциденти, што тоа дополнително би ги влошиле и така разнишените дипломатски односи.
Но, за да има мирен и добар натпревар, треба да се потрудат и Шверцерите, навивачите на Шкупи, да навиваат фер и без говор на омраза.
Фудбалските натпревари се спортски, а не политички или националистички. Затоа на натпревар се оди за да се гледа и ужива во фудбалските мајстории, а не да се шири омраза и етничка нетрпеливост.