ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пуштен во употреба концептот „One-stop-shop“ на Ќафасан
Од денеска е пуштен во употреба концептот „One-stop-shop“ на граничниот премин Ќафасан со Република Албанија. Со овој концепт, според премиерот Димитар Ковачевски, се овозможува побрз проток на граѓаните од двете држави, но и на компаниите кои транспортираат производи на овој граничен премин.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Јовова: Вистинските мотиви за блокадите на опозицијата можеби не е ЕУ, туку нивната желба да бидат во Влада
„Вистинските мотиви на опозицијата се исто така под знак прашалник бидејќи можеби нивната заедничка цел не е ЕУ, туку желбата да бидат во влада, па со тоа, не сум сигурна дали интересите што тие ги бранат се навистина најдобри интереси на народот или себе и нивната политичка моќ. Уставните измени никому нема да му одземат никакво право и мислам дека ова треба да го знае народот и како треба да зборуваме за ова.“, изјави европратеничката Ирена Јовова.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Единиците на украинската морнарица во неделата на 30 јули уништија 13 окупатори, складиште за муниција и 24 непријателски беспилотни летала, објави на Фејсбук прес-службата на украинската морнарица , пренесува Укринформ.
*
Од 24 февруари 2022 година до 31 јули 2023 година, вооружените сили на Украина елиминираа околу 246.190 руски воен персонал, вклучително и 490 војници во текот на изминатиот ден, се наведува во извештајот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, пренесува Укринформ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МВР Tри капитални објекти на МВР 2017-2023 – ИКТ центар за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп, најсовремена форензичка лабораторија на Балканот и нова Полициската станица Аеродром.
ЕКОНОМИЈА Средба со економскиот тим на Амбасадата на САД- Народната банка придонесува за јакнење на отпорноста на банките.
АРМ Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска имаше промоција на 23. класа потпоручници, а на свеченоста беа врачени награди за тројцата најдобро рангирани Никола Антески, Јована Софрониоска и Наум Спироски.
АЛ ПРЕС
Од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот: Во Приштина новинарите протестираат во поддршка на медиумите; „Клан Косова“- од фискален рај до врски со Србија; апликацијата СКАЈ под лупата на албанските служби…
АНАЛИЗА
„Условните оставки на министрите и функционерите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) адресирани до премиерот Димитар Ковачевски за познавачите на политичките окoлности во земјава се обид, меѓу другото, интегративците да се наметнат како државничка партија чиј партиски интерес би се нашол во сенка на националниот.“, во анализата „Ахмети игра „џандар збира“ со Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ треба да дејствува во интерес на државата и општеството, од Дестан Јонузи.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Анастасовски: Национализмот е последниот крик на глупоста
„Национализмот е последниот крик на глупоста и секогаш немоќните или тие што сакаат да владеат на поинаков начин сакаат да се затскријат зад национализмот. За жал фудбалските натпревари тука кај нас во Балканот многу умешно се користат за да се наметне национализам, омраза, нетрпение, вели проф. д-р Иван Анастасовски на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Неславен ден за спортот: Насилство и говор на омраза во Скопје“, откако се случи насилство на улиците на Скопје, поврзани со натпреварот меѓу домашниот фудбалски клуб „Шкупи“ и бугарскиот „Левски“ во Скопје.“
Кај нас спротските натпревари, одамна не се спортски, тоа се претежно политички и имаат некаква порака. Ако ги слушнеме изјавите на бугарските навивачи и пред да дојдат во Македонија и за време на нивниот престој во Македонија, во одредени медиуми каде што ги пренесоа, тие воопшто не зборуваа за фудбал. Тие зборуваа дека се во бугарска Македонија, свои на своето“, вели новинарот на ЦИВИЛ Медиа, Дехран Муратов, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Неславен ден за спортот: Насилство и говор на омраза во Скопје“.
„Натпреварот меѓу Шкупи и Левски беше киднапирање на спортот за политички цели. Сметам дека УЕФА, не знам од какви побуди не препорача да нема публика на натпреварот. Доволно за нив беше да каже дека тоа е натпревар од висок ризик. Тој настан беше сè само не спортски настан.“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
СЛОБОДНА ЗОНА
„…8 (осум) пратенички гласови, 8 (осум) пратеници, ѝ се потребни на Македонија, а не на власта, туку за државата Македонија, а не власта, да го исполни условот за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ, за земјава конечно да почне со отворање на реформските поглавја на нејзиниот пат кон целосна интеграција во Унијата…“, пишува Зоран Иванов во рубриката „По допрен глас“ со наслов „Ха, на власта? Не на власта, туку на Македонија!“.
„Малку кој има храброст и интегритет да ги посочи јасно и недвосмислено директните корисници на рускиот know-how и спроведувачи на руските политички насоки. Нивното дејствување е опасно и деструктивно за македонската стабилност и безбедност, и одат против македонските национални интереси.“, пишува Џабир Дерала во анализата „Општество во состојба на постојано одрекување“.
„На Правниот факултет, како резорт за избор на политички кадри во социјализмот, имаше две струи и едно големо молчаливо мнозинство кое се приклонуваше најчесто кон моќта, партиските чистки и глупости пуштени на најјако на факултетот.“, пишува Љубомир Фрчковски во колумната „ Ѓорѓи Марјановиќ“.
„Нека да ги сведеме работите на нивото на егзистенцијата. Јас тврдам дека одбивањето на уставните промени ќе има неколку многу непосредни и животно важни последици. Да речеме, ќе паднат вредностите на становите што ги испокрадоа овие од сектата. И сите други, се разбира, но за нив е важно ова да се нагласи.“, пишува меѓу другото Бранко Тричковски во колумната “Ботови ли се ботови, македонски маки големи!“
„Има истражувачки обиди во Бугарија да се одреди попрецизно бројот на Бугари кои потекнуваат од различни делови на географската област Македонија и најконзервативните проценки се дека се работи за над 1 милион лица. Истовремено според последниот Попис кај нас, од резидентното население како Македонци се определиле 1.07 милиони лица, а како Бугари – 3504 лица.“, пишува Тони Поповски во колумната „Идентитетски слон во балканскиот дуќан за порцелан“.
Д. Тахири